Нападот со нож во Франција предаден на антитерористичкото обвинителство

(Photo by JEFF PACHOUD / AFP)

Истрагата за нападот со нож во кој во саботата две лица се убиени а уште пет други се ранети, а како извршител е осомничен бегалец од Судан врз случајни минувачи во општината Роман-сур-Изер, во југоисточниот француски департман Дром, му е предадена на специјализираното обвинителство за тероризам, објави вечерта радиото France Info.

„При претресот во домот (на осомничениот) се најдени рачно напишани документи со религиозна содржина. Авторот на овие редови изразува жалење, особено, затоа што живее во земја на неверниците“, го цитира радиото соопштението на обвинителството.

Нападот првично го истражуваше обвинителството за крвни деликти, како убиство и обид за убиства при контакт со терористичка организација, како и во врска со учество во активности на терористичка организација.

 

Налудничав поход по улиците

Во саботата претпладнето маж со нож ги нападна минувачите во општината Роман-сур-Изер. Според градските власти, две лица се смртоносно прободени а пет се ранети. Францускиот министер за внатрешни работи Кристоф Кастанер, го опиша настанот како „приклучување на терористичкиот пат“, но истовремено повика да се почека официјалната процена на обвинителството, за да може да се каже дали нападот е терористички чин.

Според очевидците, мажот со нож влегол во киоск каде што го нападнал сопственикот, по што ја прободел неговата сопруга којашто се обидела да го зашити сопругот и наводно можела да го разоружи напаѓачот.

Потоа мажот истрчал на улицата и влетал во месарница каде што земал втор нож и смртно ранил еден од купувачите. Потоа повторно излегол на улицата и почнал да ги напаѓа случајните минувачи.

 

Полицијата го идентификуваше напаѓачот

Неколку минути подоцна полицијата успеала да го уапси. Заменикот на секретарот на полицискиот синдикат Alliance police nationale за телевизијата BFMTV изјави дека осомничениот не се спротиставувал при апсењето, туку побарал од полицајците да го убијат.

Според телевизијата, мажот тогаш започнал да кажува молитви на арапски јазик. Од друга страна, радиото France Bleu повикувајќи се на очевидци, известува дека мажот извикувал исламистички пароли кога трчал кон своите жртви.

Весникот Le Figaro објави дека уапсениот се идентификувал како Абдула О. и за времен на сослушувањето рекол дека е роден 1987 година во Судан.

Извор близок на истрагата изјавил дека истрагата утврдила дека добил вид жителство како бегалец во 2017 година и од тогаш не го привлекувал вниманието на полицијата или специјалните служби, ниту било забележано дека имал некакви ментални нарушувања. Во информацијата се додава дека при претресот на домот на осомничениот бил привреден 28-годишен сосед, исто така , по потекло од Судан.