Напаѓачите на Саздовски се бранеле со молчење, денеска дознале за неговата смрт

Што се случило пред дванаесет дена на автобуската постојка во скопската населба Авоткоманда напаѓачите на починатиот Никола Саздовски – Саздо не сакале да раскажат во средата кога првпат беа изведени пред Јавното обвинителството.

Обвинителот Анел Фидовски ги повикал за да ја слушне нивната верзија, но и нему и на нивните адвокати им рекле дека денеска ќе молчат.

Одбраната и јавноста се во очекување обвинителството да ја заврши истрагата и да соопшти во обвинението за кое кривично дело ќе ги гони трите момчиња кои го претепаа 21-годишниот Саздовски, а почина по десет дена минати во безсознаније.

Судска медицина ги предаде наодите и причните за смртта, а обвинителот вчера испитуваше очевидците од тепањето. Неофицијално е дека постојат и видео снимки, а се прибираат и други материјални докази.

Со еден час задоцнување службите на затворот во Шуто Оризари и донесоа од притворот Б.Б. и С.Р. во обвинителството. Единствено што проговориле е дека денеска дознале за смртта на Саздовски.

Од тројца видени напаѓачи, Министерството за внатрешни работи против сите тројца поднесе кривична пријава за насилство, пред да почине Саздовски, уапси двајца, а вети дека се работи на пронаоѓање на третиот кој сѐ уште е во бегство.