Напнати преговори во Женева, Иран и САД за нуклеарната програма

Во Женева денеска продолжуваат директните преговори меѓу Иран и САД за спорната иранска нуклеарана програма. Стејт департментот соопшти дека преговорите кои започнаа вчера попладне се потребни поради „недоволниот“ напредок во текот на поранешните средби.

Шефот на иранскиот преговарачки тим Абас Арагчи изјави дека дијалогот со САД поминал во позитивна клима и бил конструктивен.

Иран и порано најавил дека по консултациите со САД во среда во Рим ќе има билатерални разговори со Русија. Слични разговори Иран неделава ќе има и со Франција и Германија.

Ова е првпат властите во Техеран да водат одвоени преговори кои не се во рамките на официјалните преговори со групата на големите сили 5+1 во која се САД,Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија.

Консултациите се вовед во петтата рунда на преговори меѓу Иран и групата 5+1 која треба да се одржи од 16 до 20 јуни во Виена.Иран минатата година постигна прелиминарен договор со големите сили на кои им се ублажени некои санкции, а за конечен договор е одреден рокот 20 јули.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.