Наполи без голови со Торино, Интер тесно ја доби Сaмпдорија

Napoli's forward Jose' Callejon (L) and Torino's goalkeeper Salvatore Sirigu (R) during Italian Serie A soccer match between SSC Napoli and Torino FC at the San Paolo stadium in Naples, 17 February 2019. ANSA / CESARE ABBATE

Во последниот дуел од 24-то коло на италијанското фудбалско првенство, второпласираниот Наполи пред своите гледачи не успеа да го победи Торино, а претходно Интер со домашната победа од 2:1 се зацврсти на третата позиција.

И покрај големата доминација, изразена со десет удари кон противничкиот гол наспроти еден на Торино и соодносот во корнери од 14:4, Наполи по вторпат сезонава, по есенскиот кикс против фенерцијата Киево, не успеа на домашен терен да постигне погодок. Со тоа Наполи сега има 53 бодови, дури 13 зад водечкиот Јувентус. Торино, пак, е осми со 35 бодови.

Интер тесно со 2:1 успеа да ја добие Сампдорија на домашен терен, а сите три гола паднаа во второто полувреме во интервал од пет минути. Прво за домашните погоди Д’Амброзио во 73 минута, две минути подоцна Габадини израмни, а во 78 минута Наинголан од 19 метри низ шумата од играчи успеа да го најде патот до противничката мрежа. Интер со оваа победа се зацврсти на третото место на табелата со 46 бодови, четири повеќе од градскиот ривал Милан, а Сампдорија остана десетта со 33 бодови.

Џенова на македонскиот репрезентативен капитен Горан Пандев со пресврт на свој терен дојде до значајни три бода во дуелот со Лацио. Римскиот состав поведе со голот на дебитантот во неговите редови Хрватот Милан Бадељ во 45 минута, но домашните во финишот дојдоа до победата, а стрелци беа Санабриа Антонио во 75 и Крисчито Доменико во првата минута од судиското продолжение. Лацио остана седми со 38 бодови, колку што има и шестата Аталанта, а три бода повеќе од осмата Фиорентина. Џенова сега е 13-та со 28 бодови, десет повеќе од загрозената зона.

Интересна завршница имаше и дуелот во Ферара каде што до 80 минута домашниот СПАЛ и Фиорентина постигнаа по еден погодок, а потоа следеше „блиц криг“ на гостите. Домашните поведоа во 37 минута преку Андреа Петања а израмни во последната минута од првото полувреме Едмислон Фернандес. Овој резултат стоеше на семафорот до десет минути пред крајот. Киеза во 75 минута беше запрен со прекршок во домашниот шеснаесетник но судијата дозволи играта да продолжи и СПАЛ во контранапад постигна погодок и поведе со 2:1. Но на итнтервенција на ВАР собата, и прегледување на снимката, судијата Пајерето досуди пенал за Фиорентина а со самото тоа и го поништи голот на домашните. Жордан Верету во 80 минута го реализираше пеналот , а Џовани Симеоне во 82 и Жерсон во 89 минута беа прецизни за Фиорентина која со овие три бода сега е осма со 35 бодови. СПАЛ е 16-ти со 22 бода, четири бодови од последното место кое обезбедува опстанок во Серија А.

Емполи со 3:0 го победи Сасуоло, а стрелци беа Раде Круниќ во 35, Аки Акуа во 38 и Диего Фараис во 61 минута. Емполи дојде до важни бодови во трката за опстанок, сега има 21 бод со кои е на 17-то место, а Сасуоло е безбедно со 30 бодови на 11-та позиција на табелата.

 

Удинезе дури во финишот, во 86 минута, со погодокот на Лукаш Теодорчук од натпреварот успеа да го скрши отпорот на последното Киево кое остана со само 9 бодови. Удинезе, пак, собра 22 бода и е на 15-то место.

Во саботата Калјари со 2:1 ја совлада Парма, а Милан со пресврт во второто полувреме направи пресврти кај Аталанта и славеше со 3:1. Претходно во петокот актуелниот шампион Јувентус рутинирано со 3:0 дојде до бодовите со Фросиноне. Колото во понеделникот го заокружува дуелот меѓу Рома и Болоња.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.