Наполи го демолираше Емполи

Во првиот меч од 11-то коло на италијанското фудбалско првенство во петокот вечерта Наполи на својот стадион „Сан Паоло“ беше супериорен против Емполи совладувајќи го со 5:1 (2:0), со хет-трикот на Дри Мартенс.

Наполи поведе преку Лоренцо Инсиње во 9 минута, а до крајот на првото полувреме водството на домашните го зголеми Ди Мартенс со погодокот во 38 минута. Гостите успеаја да намалат на 1:2 во 58 минута со голот на Франческо Капуто, но потоа следеше уште еден гол на Мартенс шест минути подоцна, а во финишот најпрво погоди во последната минута од мечот Аркадиуш Милик а потоа уште еднаш и Мартенс во третата минута од судиското продолжение.

Второпласираниот Наполи сега има 25 бодови, три помалку и меч повеќе од лидерот Јувентус, а три повеќе и исто така натпревар повеќе од третиот Интер. Емполи, пак, се наоѓа во зоната на испаѓање со само шест бодови, еден бод има 19-от Фросиноне, додека Киево е последно и сѐ уште е во бодовен минус.

Во сабота во Серија А се играат уште три натпревара, во кои настапуваа екипите кои се натпреваруваат и во европските купови: Интер ја пречекува Џенова, Рома ѝ гостува на Фиорентина, додека бранителот на титулата Јувентус пред своите навивачи ќе игра со Калјари.

Неделната програма ја отвораат Лацио и СПАЛ, а потоа се играат дуелите Киево Верона – Сасуоло, Парма – Фросиноне, Сампдорија – Торино, Болоња – Аталанта и Удинезе – Милан.