Наполи изненаден од АЗ Алкмар

Наполи доживеа неочекуван пораз од АЗ Алкмар во Лига Европа, а изненадувањето е поголемо поради фактот што гостите останаа со 13 фудбалери од првиот тим по големиот број заразени играчи со коронавирусот.

Џенаро Гатузо по мечот ги критикуваше своите фудбалери за играта во вториот дел и смета дека проблемите биле дополнителна мотивација за АЗ.

– Не требаше да загубиме ваков натпревар, имавме посед на топката, но тоа не вреди кога играме премногу стерилно.

– По паузата игравме премногу монотоно и предвидливо, мора да покажеме поголема желба за победа. Поразот ги комплицира работите и сега не смееме да си дозволиме нова грешка. Веројатно добивме и премногу пофалби по триумфот над Аталанта, – изјавил Гатузо.

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас не беше во составот откако изминатиов период беше позитивен на КОВИД-19, а во групата на Наполи, Реал Сосиедад славеше на гостувањето кај Ријека со 1:0.