Наполи му се приближи на Јуве

Фудбалерите на Наполи го искористија домашниот кикс на водечкиот Јувентус против Џенова (1:1) и со гостинската победа од 3:0 кај Удинезе го намалија заостанувањето зад актуелниот шампион на четири бодови.

Нaполи поведе со фанастичниот погодок на Фабиано Руиз во 14 минута, а прашањето на победникот го реши Дрие Мартенс со голот постигнат од пенал во 82 минута. Победата на гостите ја потврди Марко Рог со гол во 85 минута, речиси само што влезе во игра. Удинезе со новиот пораз приврмено е на 15-то место со 9 бодови и во недела евентуално може да падне за уште две места.

Во претходно одиграните дуели Џенова и СПАЛ ги изненадија фаворитите Јувентус и Рома, и тоа на нивен терен. Џенова во Торино одигра 1:1, а СПАЛ во Рим победи со 2:0.

Торинската „Стра дама“ и новото првенство го отвори со осум победи во низа, а кога Кристијано Роналдо во 18 минута го постигна водството од 1:0, се чинеше дека ќе капитулира и тимот за кој настапува македонскиот репрезентативен капитен Горан Пандев. Меѓутоа, гостите изведоа во 67 минута една чудна акција која ја заспа домашната одбрана па Даниеле Беса израмни. Со тоа Џенова дојде до 13 бодови со кои е на 10-то место на табелата.

Тоа беше второто големо изненадување денеска во Серија А, откако претходно СПАЛ на римски „Олимпико“ со головите на Андреа Петања од пенал во 38 минута и Кевин Бонифаци во 56 минута ја совлада „Волчицата“. Гостите од 75 минута играа и со играч помалку, откако беше исклучен Вања Милинковиќ Савиќ кој заработи два жолти картона, прво за заржување на топката а потоа за шутирање надвор од теренот без игра.

Рома со поразот моментално е на 6-то место со 14 бодови, но дури шест клубови во недела и во понеделник може да ја поместат значително надолу на табелата. СПАЛ, пак, дојде до вредните 12 бодови, кои го одржуваат на 13-то место, подалеку од зоната на испаѓање од лигата.

Во недела играат Фросиноне – Емполи, Болоња – Торино, Киево – Аталанта, Парма – Лацио, Фиорентина Калјари и дербито Интер – Милан, додека во понеделник се среќаваат Сампдорија и Сасуоло