Наполи победи во голеадата во Фиренца, Јувентус подобар кај Парма

ANSA/CLAUDIO GIOVANNINI

Со победите на актуелниот шампион Јувентус кај Парма со 1:0 и вицепрвакот Наполи кај Фиорентина со 4:3, во саботата вечерта започна новата сезона во италијанската Серија А.

Во првиот натпревар во саботата попладнето Јувентус на гостувањето кај Парма до победата стаса со погодокот во 21 минута, а стрелец беше капитенот Џорџо Кјелини. Во 35 минута гол постигна и Кристијано Роналдо, но со интервенција на ВАР-от, погодокот беше поништен поради недозволена позиција.

Во вечерниот термин на гледачите на стадионот „Артемио Франки“ во Фиренца вистинска голеада им приредија Фиорентина и Наполи, а по седумте голови, се радуваа гостите од Неапол.

Фиорентина поведе во 10 минута со голот на Ерик Пулгар кој реализираше најстрогата казна, а потоа во интервал од пет минути пед крајот на првото полувреме Наполи направи пресврт. Прво со удар од 20-ина метри Белгиецот Дрис Мартенс израмни на 1:1 во 39 минута, а веќе во 43 минута по сомнително досудениот пенал кој го исценира истиот играч, Лоренцо Исниње погоди за водство на наполитанците од 2:1.

Во продолжението Фиорентина израмни во 52 минута со голот постигнат со глава од Никола Миленковиќ, но само четири минути подоцна Шпанецот Хозе Каљехон донесе нова предност за Наполи. „Виолите“ поведоа преку Кевин Принс Боатенг четири минути откако тој влезе во игра, во 65 минута со прецизен удар од 18-ина метри го совлада гостинскиот голман. Но Фиорентина ремито го имаше само две минути, бидејќи во 67-та Наполи по одличната акција на асистентот Каљехон и стрелецот Инсиње дојде до четвртиот погодок кој беше и последниот на натпреварот.

Во неделата ќе се одиграат седум од преостанатите осум натпреваруи, а се среќаваат Удинезе – Милан, Рома – Џенова, Калјари – Бреша, Сампдорија – Лaцио, СПАЛ – Аталанта, Торино – Сасуоло и Верона – Болоњам, а колото ќе го затворат во понеделник Интер и Лече