Наполи подобар во дербито против Милан

Milan, 18 September 2022. ANSA / MATTEO BAZZI

Во дербито на седмото коло на италијанското фудбалско првенство, Наполи за кој македонскиот репрезентативец Ељиф Елмаз ги одигра последните десетина минути, како гостин на „Џузепе Меаца“ со 2:1 го совлада Милан преземајќи го врвот на табелата.

Ова, инаку, е третата последователна победа на Наполи на „Џузепе Меаца“. Головите за гостите ги постигнаа Матео Пилитано во 55 минута од пенал и Џование Симеоне во 79 минута, додека за Милан стрелец во 69 минута беше францускиот ветеран Оливие Жиру.

Милан многу подобро влезе во дуелот и во 13 минута имаше шанса за водство. Жиру прими прецизно додавање во шеснаесетникот и веднаш шутираше, но ја погоди стативата. Францускиот напаѓач одлична можност за погодок имаше и во 25 минута, но шутираше над голот. Три минути подоцна Раде Круниќ шутираше со глава по нафрлување од корнер, но Алекс Мерет одбрани. Наполи во првиот дел имаше само една вистинска шанса, но Квича Кваратшкелија во 43 минута шутираше непрецизно.

Наполи во вториот дел заигра многу поангажирано и во 52 минута дојде во водство. Кваратшкелија падна по дуелот со Дест во шеснаесетникот, а судијата Маутицио Маријани по прегледот на снимката покажа на белата точка. Политано беше сигурен реализатор. Во 68 минута Жуниор Месијас одлично шутираше, гостинскиот голман Мерет беше на место. Само минута подоцна „Росонерите“ израмнија. Ернандез се проби по левата страна упати повратна топка до Жиру кој овој пат беше прецизен за 1:1. Но радоста на домашните кусо траеше, зашто Џовани Симеоне во 78 минута по нафрлувањето од Марио Руи убаво со глава го постигна својот првенец во првенството во дресот на Наполи каде во август дојде од Верона. Милан можеше да израмни во 87 минута, но Пјер Калули од непосредна близина ја погоди стативата.

Наполи со победата се израмни на врвот со Аталанта со по 17 бодови, но има подобра гол-разлика од тимот од Бергамо, кој претходно на гостувањето во Рим ја победи Рома со 1:0.

Решавачкиот погодок го постигна Џорџо Скалвини во 35 минута по асистенцијата на Расмус Хојлунд. Тоа беше единствениот удар на гостите во рамките на домашниот гол, додека Рома во спротивниот правец упати дури 21 удар од кои шест во рамките на голот. Во 57 минута судијата Даниеле Киви го исклучи домашниот тренер Жозе Мурињо поради постојаните приговори.

Поразените екипи во двете дербија Милан и Рома остана со 14 односно 13 бодови на петтото и шестото место на табелата.