Наполи се врати на врвот во Серија А

Фудбалерите на Наполи се вратија на врвот од табелата на италијанското првенство, откако во неделата со пресврт забележаа победа над Болоња од 3:1 (2:1) во средбата од 22-тио коло на Серија А.

Гостите од Болоња поведоа преку Паласио уште во првата минута од мечот, но тоа водство важеше само до петтата минута, кога М’баје со автогол израмни на 1:1. Победата на Наполи со два гола ја обезбеди Мартенс, прво во 37 минута реализираше пенал, а потоа во 59 минута погоди и од игра.

Наполи сега има 57 бодови, еден повеќе од второпласираниот актуелен шампион Јувентус, кој во саботата тешко го совлада Киево со 2:0. Болоња е 12-та со 27 бодови.

Големо изненадување се случи во Фиренца, каде што претпоследната Верона со високи 4:1 (2:0) ја совлада домашната Фиорентина, Головите за гостете ги постигнаа Вуковиќ во 11, Кеан во 20 и 46 и Ферари во 55 минута, додека почесниот гол за домашните го постигна Диас во 53 минута.

Фиорентина сега е на 11-то место со 28 бодови, додека Верона и натаму останува на претпоследното 19-то место со 16 бодови.

Кротоне на домашен терен одигра 1:1 со Каљари, Домашните поведоа преку Трота во 29 минута од пенал, а израмни Цигарини во седмата минута од судиското продолжување на натпреварот. Кротене така остана на 17-та позиција на табелата со 19 бодови, два помалку од 16-то Каљари.

Удинезе како гостин ја надигра Џенова со 1:0, со голот што во 61 минута го постигна Бехрами. Удинезе е на осмото место со 32 бода, а Џенова е 15-та со 21 бод.

Претходно во неделата Интер ниту во седмиот последователен натпревар не успеа да дојде до победа, одигрувајќи на гостувањето во Ферара кај СПАЛ 1:1. Гостите поведоа во 48 минута со автоголот на Викари и ги имаа трите бода на конто сѐ до 90 минута, кога Палоши го совлада Хандановиќ. СПАЛ со овој бод е на 18-то место со 17 бодови и ја продолжува борбата за прволигашкиот статус, додека Интер со 44 бодови е на четвртото место заостанувајќи во борбата за самиот врв.

Од 18 часот играат Милан и Лацио, додека колото ќе го заокружат Рома и Сампдорија со дуелот кој започнува во 20,45 часот.