Народна банка: Банкарскиот систем е стабилен

Народната банка нема детални информации за наводите на директорот на Финансиска полиција дека под лупа се две до три банки кои слично како Еуростандард давале кредити без покритие.

Оттаму уверуваат дека банкарскиот систем е стабилен.

– Народната банка, во континуитет ги зајакнува регулативата и супервизорскиот капацитет, доследно ја спроведува својата супервизорска функција и постапува согласно со своите надлежности. Клучните показатели за банкарскиот систем остануваат солидни и стабилни, а впрочем и оцените на сите релевантни меѓународни институции за банкарскиот систем се позитивни, велат од НБРМ.

Финансиска полиција денеска излезе со појаснување на изјавата на директорот Арафат Муареми за водење предистражни постапки кон други банки за начинот на издавање кредити. Оттаму посочуваат дека таа не се однесува на сегашни случувања во банките, туку во периодот од 2007 до 2012 година.

– За наведените дејствија Управата за финансиска полиција во 2018 година има поднесено и Известување до Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, појаснуваат од Финансиската полиција.

Еуростандард банка стави клуч на вратата во август годинава откако Централната банка и ја одзеде дозволата за работа. Проаѓањето на банката оштети близу 800 физички лица со депозити над 30.000 евра и околу 2.000 фирми. Останатите, со штедни влогови под оваа сума ги добија парите преку Фондот за осигурување на депозити.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.