Народна банка: Еуростандард банка мораше да се затвори, сопствениците не обезбедија законски минимум на капитал

Народната банка, уште еднаш појасни дека одземањето на дозволата за работа на Еуростандард банка  е законска и затоа што банката не ги изполнила минималните услови за работа.

– Согласно со Законот за банките, за да се основа банка потребен е капитал од најмалку 310.000.000 денари, што сопствениците и банката во текот на своето работење се должни да го одржуваат или зголемуваат, но не смее да се намалува. Имајќи предвид дека секоја банка, покрај со сопствените средства располага и работи и со средствата на депонентите, со Законот е утврдена и минимална стапка на покриеност на пласманите на банката со сопствените средства, т.н. стапка на адекватност на капиталот од 8% –  појаснуваат од НБ.

Оттаму додаваат дека  одлуката за укинување на дозволата на Еуростандард банка како и сите други одлуки што ги носи Народната банка, произлегува исклучиво од примена на законите, согласно со утврдени процедури коишто се усогласени со најдобрите меѓународни практики.

– Стручните супервизорски тимови на Народната банка подготвуваат целокупна аналитичка инфраструктура, односно информации, анализи и предлози за постапување, врз основа на коишто се носи одлуката. На овој принцип е донесена и конкретната одлука што се однесува на Еуростандард банка. На оваа одлука претходеа низа супервизорски мерки –  велат од НБ.

Од Централната банка информираат и дека поради слабостите во своето работење, Еуростандард банка подолг период била под  засилен супервизорски надзор и ѝ биле изрекувани бројни супервизорски мерки.

– Цел на овие мерки беше санирање на состојбите и опстанок на Банката, во насока на заштита на билансот на Банката, а со тоа и на депонентите. Една од мерките беше спроведување План за подобрување на состојбата со кој сопствениците се обврзаа да извршат дополнителна уплата на капитал.Согласно со состојбата во Банката, единствено можно решение беше сопствениците да ја исполнат својата законска обврска и да вложат дополнителен капитал за да се исполни законски утврдената минимална стапка на адекватност на капиталот од 8%.Заради неизвршената уплата на капитал од страна на сопствениците, а при поголеми загуби од работењето на Банката, со супервизорската контрола на Народната банка се утврди дека вредноста на капиталот и стапката на адекватност на капиталот на Еуростандард банка се под законскиот минимум –  дополнуваат од НБ.

Оттаму појаснуваат дека при супервизиите и преземањето мерки Народната банка контакрирала со сопствениците и  постојано укажувала на потребата за исполнување на законската обврска и дополнително итно вложување на капитал во Банката.

– За жал, ниту од сопствениците на Банката, ниту од потенцијалниот инвеститор посочен од нивна страна, со кого Народната банка исто така имаше интензивна комуникација, не се обезбеди потребниот капитал за да се достигне законски утврдениот минимум. Воедно, потенцијалниот инвеститор не ја достави потребната документација за отпочнување на постапка за утврдување дали ги исполнува законските услови за акционер на банка. Оттука, Народната банка немаше простор за никакво друго решение освен постапување согласно со законот и носење на решение за укинување на дозволата за основање и работење на Еуростандард банка. Народната банка не смее да дозволи да продолжи со работа банка којашто не исполнува минимални законски услови – појаснуваат од НБ.

Од Централната банка додаваат дека Еуростандард банка е изолиран случај и дека банкарскиот систем е стабилен и сигурен.

– Народната банка како независна институција ќе продолжи да работи професионално и да ги следи и спроведува домашната регулатива и најдобрите меѓународни практики – велат од Народната банка.