Народна банка: Финансиската стабилност ќе биде одржана

Финансискиот систем е подготвен да се справи со корона-кризата. Прудентната регулатива на финансиските регулатори, во голем дел усогласена со европските регулативи, придонесе системот да е во кондиција со која може да се справи со шокот предизвикан од пандемијата на Ковид-19, е генералната оценка што произлезе од вчерашната седница на Комитетот за финансиска стабилност на Народната банка.

На седницата, како што денеска информира Народнаа банка, биле анализирани досега преземените мерки за одржување на финансиската стабилност, како и остварените и очекуваните резултати.

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, која се осврнала на мерките преземени од Народната банка, посочила дека при носењето на секоја од мерките, анализирано е нејзиното влијание врз секоја банка одделно и врз целиот банкрски систем со цел мерката истовремено да е во функција на поддршка на македонската економија и во функција на одржување на финансиската стабилност.

– Најновото стрес-тестирање покажува дека и кај банките одделно и кај банкарскиот систем во целина, од минатата година, отпорноста на шокови е зголемена. Системот е здрав и стабилен, со  висока и стабилна ликвидност и солвентност, оценила Ангеловска-Бежоска.

Министерката за финансии Нина Ангеловска посочила дека се преземени активности кои се во насока на одржување на ликвидноста на компаниите како што се двете линии на бескаматни кредити, даночно олеснувања и финансиска поддршка. Во делот мерки кои го засегаат финансискиот систем, преземени се активностите кај финансиските друштва и лизинг компаниите, со воведување на мерка за намалување на ануитетите на корисниците на кредити до 70 прценти од ануитетот.

– Повратот на ДДВ кон фирмите само за април изнесува 38 милиони евра, што е за 23 проценти повеќе во однос на истиот месец лани. Повратот на ДДВ од почетокот на годината изнесува 145 милиони евра, што е за 16,7 проценти повеќе во однос на истиот период лани. Брзиот поврат на ДДВ е од исклучителна важност за одржување на ликвидноста на фирмите, особено во овие услови на здравствено-економска криза. Исто така, кон зголемување на ликвидноста се дејствува и преку бескаматните кредити од линиите „Ковид 1“ и „Ковид 2“ на Развојната банка на Северна Македонија, во вкупен износ од 13,7 милиони евра, коишто се од големо значење бидејќи ги таргетираат микро, малите и средни претпријатија. Наскоро преку комерцијалните банки ќе биде пласирана линија евтини кредити во износ од 51 милион евра, истакнала Ангеловска.

Претседателката на Комисијата за хартии од вредност Нора Алити информирала дека вкупниот промет реализиран на Македонската берза заклучно со 28 април изнесува околу 78 милиони евра и оти споредбено со главните берзански индекси во регионот, главниот берзански индекс МБИ 10 има најнизок пад од 6.92 проценти, во однос на вредноста на последниот ден на тргување во 2019 година.

На седницата било нагласено дека влијанието на пандемијата врз светските финансиски пазари се очекува да има само краткорочни ефекти врз пензиските фондови, имајќи предвид дека тие се долгорочни инвеститори.

Осигурителниот сектор, пак, продолжува да функционира стабилно со идентификувани предности и ризици кои треба да се следат со цел да се одржи овој тренд.