Народна банка: годинава се очекува солиден економски раст

Економските фундаменти и натаму се здрави, без присуство на нерамнотежи во економијата, што ги потврдува очекувањата за солиден економски раст оваа година, оцени Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на вчерашна седница.

Монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови, при што беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 2,25%. Истовремено беше одлучено понудата на благајнички записи за аукцијата којашто ќе се одржи на 10 јули 2019 година да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари. Отсуството на нерамнотежи во економијата е видливо преку ниската и стабилна инфлација и поволната надворешна позиција, контекст којшто придонесува за поволни движења на девизниот пазар и интервенции со откуп на девизи од страна на Народната банка од почетокот на годината.

Динамиката и валутната структура на штедењето на домаќинствата упатува на стабилни очекувања и поволни согледувања. Во однос на најновите макроекономски показатели, тековно расположливите високофреквентни податоци за периодот април-мај главно упатуваат на натамошни поволни движења во економијата, видливи преку забрзаниот раст на трговијата и натамошниот раст на индустријата. Овие податоци, како и стапката на раст на економската активност од 4,1% во првиот квартал од оваа година, што е блиска до проектираната, соодветствуваат со очекувањата за солиден економски раст оваа година, соопшти Народната банка. Остварената просечна годишна стапка на инфлација за првата половина од годинава изнесува 1,2%, при очекувања за стапка на инфлацијата од 1,5% за целата 2019 година.

Ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за оваа година засега се оценуваат како урамнотежени. Што се однесува до показателите од надворешниот сектор, остварувањата за надворешнотрговската размена за април-мај 2019 година укажуваат на можност за остварување на нешто повисок трговски дефицит од очекуваниот за второто тримесечје. Податоците за менувачкиот пазар заклучно со втората декада на јуни укажуваат на остварени нето-приливи од приватни трансфери на ниво на очекувањата за вториот квартал од годинава. Девизните резерви на крајот на јуни се повисоки во однос на крајот на 2018 година, при што сите показатели за нивната адекватност и натаму се во сигурната зона, стои во соопштението на Народна банка.