Народна банка очекува поумерен раст на економијата

Натамошен раст на економијата, но веројатно поумерен во споредба со првото тримесечје, прогнозира Народната банка за вториот квартал од 2019 година.

Остварената просечна годишна стапка на инфлација за првите седум месеци од годинава изнесува 1,2 отсто, при очекувања за стапка на инфлацијата од 1,5 проценти за целата 2019 година. Тоа беше заклучено на седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика на која се разгледаа најновите остварувања во економијата, во контекст на последните макроекономски проекции.

„Во јули Народната банка откупи 43,8 милиони евра. Високиот месечен износ врз основа на интервенции беше остварен во услови на зголемен откуп на девизи на банките во трансакциите со менувачниците, што е вообичаено сезонско движење“, соопштуваат од Банката. „Вишокот девизни средства беше откупен од Народната банка, откупот на девизниот пазар продолжи и на почетокот на август, при што збирно од почеток на годината, заклучно со 13 август, Народната банка има откупено 174,55 милиони евра“.

Општо земено, на седницата беше заклучено дека последните макроекономски показатели и оцени упатуваат на одредени отстапувања во однос на проектираната динамика, а согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се главно непроменети во однос на лани.