Народна банка: Поголема инфлација годинава и во наредните две години

Експертите очекуваат зголемување на инфлацијата во земјава. Народната банка прави анкета на инфлациските очекувања и прашува експерти од областа, а според најновата, очекувањата за 2021 година упатуваат на просечна стапка од 2,8 отсто, наспроти 2,3 проценти во претходната анкета.

Повисоки се и очекувањата за 2022 и 2023 година, односно испитаниците очекуваат дека стапката на инфлација ќе изнесува 2,5 отсто во 2022 година иако рекле дека ќе биде 2,1 процент во претходната анкета и 2,3 отсто во 2023 година за која во претходната анкета сметале дека ќе има инфлација од 2 проценти.

– Слично како и во претходната анкета, испитаниците ги објаснуваат своите инфлациски очекувања пред сѐ со постепеното стабилизирање на состојбата предизвикана од пандемијата на ковид-19 којашто би довела до зголемена домашна побарувачка, како и повисоките цени на увезените добра, како што се цените на храната и енергијата. Исто така, испитаниците сметаат дека монетарните и фискалните мерки, и растот на платите би придонесле кон повисок раст на инфлацијата. Од друга страна, пролонгирањето на кризата и повторното воведување рестриктивни мерки за справување со вирусот, а со тоа и зголемување на неизвесноста и забавување на закрепнувањето на домашната економија, како и евентуално пониските увозни цени би можеле да доведат до пониска стапка на инфлација, велат од Народната банка.