Народна банка потпиша договор со ЕЦБ за заштита на еврото од фалсификување

Народната банка склучи Договор за соработка со Европската централна банка (ЕЦБ) во сферата на заштитата на банкнотите во евра од фалсификување. Со ова се остварува уште еден чекор во исполнувањето на препораките од најновиот извештај на Европската комисија и се потврдува цврстата стратегиска определба на Народната банка за чекорење по патот кон Европскиот систем на централни банки.

Со Договорот е предвидено ЕЦБ, на барање на Народната банка, да обезбедува технички информации за оригиналните банкноти во евра, како и информации поврзани со фалсификуваните банкноти во евра. Врз основа на овие информации, отсега, Народната банка ќе може полесно да ги класифицира регистрираните фалсификати на територијата на нашата земја. Исто така предвидено е Народната банка да испраќа редовни месечни извештаи до ЕЦБ со коишто ќе ја известува за сите регистрирани фалсификувани банкноти во евра откриени на територијата на нашата земја.

Преку ваквата соработка се овозможува Народната банка уште повеќе да придонесе во справувањето со фалсификувањето на еврото, како централна банка партнерка на ЕЦБ.

Лани, Народната банка склучи и Договор со Европската комисија за соработка во сферата на заштитата на кованите евра од фалсификување. Со склучувањето на Договорот со ЕЦБ се заокружува рамката на соработката во однос на заштитата на еврото. Истовремено, Народната банка засилено работи и на унапредување и усогласување на правната рамка и на методологијата на системот за борба против фалсификувањето на еврото, согласно со најдобрите европски искуства и практики.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.