Народниот правобранител со иницијатива за измена и дополнување на Законот за социјална заштита

Народниот правобранител, по предмет по сопствена иницијатива достави Иницијатива за измена и дополнување на Законот за социјална заштита до Министерството за труд и социјална политика. Според нив, констатирана е состојба на нееднаквост во примената на одредбата на членот 44 од Законот за социјална заштита и оневозможување на граѓаните кои се нашле во состојба на попреченост по навршување на 65 години да остварат и користат паричен надоместок за попреченост утврден со закон.

Член 44 став 2 од Законот за социјална заштита гласи дека „надоместок поради попреченост може да оствари лице со навршени 26 години возраст, најдоцна до 65 години возраст, а се користи без оглед на старосната возраст на корисникот“. Според Народниот правобранител, нормативното решение предвидено во овој член, со кое е определена границата „најдоцна до 65 годишна возраст“ е ограничувачки услов за пристап и остварување на правото на надоместок заради попреченост.

– Забележани се случаи кога за овој надоместок аплицираат граѓани со навршени 65 години возраст, но, се одбиени. Во овој контекст, согласно податоците од Народниот правобранител од правото на надоместок за попреченост за периодот 2020-21 година, во десет центри за социјална работа се евидентирани вкупно 23 одбиени барања за надоместок за попреченост поради условот „наврешни 65 години возраст“, од кои 12 барање се одбиени во 2020, а 11 барања во 2021 година, велат оттаму.

Воведувањето на ова ограничување по возраст, до кога определено лице може да поднесе барање за остварување на право, сметаат дека во себе содржи нееднаквост, односно, дискриминирачка одредба кон останатите лица кои што го остваруваат ова право.

– Не смее закон со кој што се утврдува одредено право, да го ограничи по возраст. Тоа претставува основ за забрана за дискриминација, основ кој што го препознава и Законот за заштита и спречување од дискриминација, меѓутоа и Европскиот суд за човекови права, но и меѓународните конвенции, исто така, велат оттаму.

Од Народниот правобранител очекуваат Министерството за труд и социјална политика да преземе мерки, а Иницијатива за оцена на уставноста и законитоста на членот 44, став 2 да биде ставена на дневен ред на Уставниот суд, од каде за МИА велат дека ќе биде ставен на дневен ред на седницата в среда.