Народот чека да дувне ветер, власта не размислува и не презема ништо против загадувањето

Порталот КУРИР денеска на терен направи анкета со загрижените скопјани во врска со загадениот воздух овие денови.

И додека власта не мрднува со прст и преку соопштенија во јавноста ја обвинува претходната власт и нивното владеење, граѓаните на Скопје порачаа веднаш да се преземат итни мерки против загадувањето.

-Има многу исечени дрва и треба градот да се исчисти, овој проблем ќе се реши ако има повеќе зеленило и ако се одржува голема хигиена низ градот.

-Сега слушаме на телевизија, на радио постојано за ова загадување, меѓутоа решението се уште го нема, макар да се прават некои напори од страна на владата и некои мерки да се преземат. Јас мислам дека тие мерки се многу малку, единствено ако има дожд, снег, ветер па да се прочисти воздухот.

-Се задушивме, загадувањето не знам како ќе се реши, власта не презема ништо, само господ ако преземе да дувне ветер инаку власта што ќе преземе , ништо…

-Тие што седат во Собрание нека го решат тоа, ништо не преземаат.

-Мислам дека ништо не презема власта и вчера вечерта беа измерени околу 500-тини милиграми на кубен и мислам дека премногу штети на луѓето кои не се свесни за тоа, не само власта, ниту луѓето.

-Не се диши стварно, ништо не се презема само се зборува…Деца се во прашање треба да размислуваат за нив.

Инаку ВМРО-ДПМНЕ денекса преку соопштение до јавноста го обвини СДСМ дека ја зави државата во црно, нивото на канцерогени ПМ10 честички во воздухот е скоро месец дена неколкукратно над дозволеното.

Скопје со недели е помеѓу најзагадените градови во светот. СДСМ ја зави државата во црно. Нивото на канцерогени ПМ10 честички во воздухот е скоро месец дена неколкукратно над дозволеното, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата посочуваат дека Македонија е зацрнета од СДСМ.

-Две години откако СДСМ е на власт, нема преземено ниту една мерка за подобрување на квалитетот на воздухот. Напротив  наместо за животна средина се трошат 1.6 милиони евра за лубриканти и над 700 илјади евра за кафе и цвеќиња за владата. Нема проекти, но затоа министерот Дураку арогантно се однесува и порачува дека нема зошто да се занимава  со граѓаните, заменик министерот Макрадули спие во собрание додека се расправа за загадувањето, а Шилегов си игра игрички, со што покажуваат дека воопшто не им е грижа за нивото на загаденост на воздухот. Доколку СДСМ навистина сака да го спречи загадувањето, наместо да прави дискриминаторски мерки ние предлагаме владата да се обезбедат субвенции во износ од 50% за набавка на електрични и хибридни возила во поголемите градови во првите 3 години, а потоа мерката да се прошири и во останатите средини, се наведува во партиското соопштение.

ОД ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека наместо субвенционирање во набавка на дрва на социјално загрозените семејства, да им се исплатат средства за сметките за потрошена електрична енергија.

-Граѓаните наместо манипулации очекуваат реална работа. СДСМ се неспособни и не можат да го решат  проблемот со загадувањето, но ги излажаа и изманипулираа граѓаните, затоа мора да си заминат. Државата не смее да биде заложник на тесно партиската елита на чело со Заев  која ја зацрни Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите граѓани кои не се согласуваат со овие деструктивни и ненародни политики на СДСМ да ни се придружат на собирите ширум Република Македонија, и на протестниот марш во среда во Скопје со почеток од 17 часот од плоштад ВМРО до владата на Република Македонија, се наведува во соопштението испратено од ВМРО-ДПМНЕ.

Денеска во едно од основните скопски училишта беше издадена и мерка за заштита на учениците и наставниците од енормно загадениот воздух.

Имено во текстот стои дека им се соопштува на сите ученици и наставници, дека во денови на зголемено загадување на воздухот се препорачува да не се излегува на голем одмор и користењето на слободното време во училишниот двор.

-Воедно се препорачува да нема задржување на отворено и во училишниот двор по завршување на наставата, стои во соопштението.

Инаку Скопје веќе со денови се гуши во загадениот воздух, а загадени се и повеќето градови низ Македонија.