Нарушувањето во снабдувањето ја зголеми цената на нафтата над 82 долари

Цените на нафтата се искачија над 82 долари на меѓународните пазари во средата, бидејќи инвеститорите се фокусираа на понудата пред состанокот на главните производители, загрижени поради нарушувањето во извозот од Казахстан и Русија поради силната бура.

На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше за 61 цент повисока од вчерашната затворање на тргувањето и изнесуваше 82,29 долари. а на американскиот пазар со барелот се тргуваше за 75 центи поскапо, по 77,16 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одделно извести дека нафтената кошничка на нејзините членки во вторникот се зголемила за 65 центи на 83,40 долари за барел.

Пазарот е фокусиран на утрешната средба на OPEC и сојузниците на картелот големи независни производители предводени од Русија познати како OPEC+, на која ќе се разговара за понудата во 2024 година. Групата го одложи состанокот за четири дена, при што извори известуваат за барањето на групата африкански земји за повисоки производствени квоти.

Групацијата ја намалува понудата оваа година за да ги поддржи цените, а Русија и Саудиска Арабија одделно одлучија да пласираат за 1,3 милиони барели дневно помалку нафта од нивните квоти. Изворите велат дека преговорите за квотите се тешки, но се очекува средбата да се одржи во четврток, како што е планирано.

„Доколку не постигнат прелиминарен договор, не можеме да го исклучиме ризикот од одложување на друг состанок, што веројатно би извршило одреден притисок врз цените на нафтата“, напишаа аналитичарите на ING Ворен Патерсон и Ева Ментеј во белешката до клиентите.

Цените се поддржани и од бурата во регионот на Црното Море што го наруши извозот до два милиона барели дневно од Казахстан и Русија, според владините претставници и пристанишните агенти. Ова значи дека понудата може да биде ограничена на краток рок. Најголемите нафтени полиња во Казахстан го намалија дневното производство на нафта за 56 отсто до 27. ноември, соопшти Министерството за енергетика.

Податоците од САД сигнализираат закрепнување на побарувачката, со оглед на благиот пад на залихите минатата седмица, за 817.000 барели, според извори кои се повикуваат на извештајот на здружението на производители на API. Владата треба да ги објави податоците подоцна во текот на денот.

Одделни податоци од Министерството за трговија покажаа дека американската економија пораснала за 1,3 отсто во третиот квартал во споредба со претходните три месеци, нешто посилно од претходните проценки. На годишно ниво, активноста е зголемена за 3,0 отсто, исто така малку посилна од проценките на Министерството на крајот на октомври.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.