Насер Селмани, лидер на опозицијата

352

По последното интервју на Насер Селмани дадено за Радио Слободна Европа поприлично некои работи станаа појасни. Не дека досега не се знаеа, но барем станаа поизразени, поискристализирани. Мислев дека ќе слушнам човек кој ја брани фелата, но Насер во меѓувреме се амбицирал и почуствував дека слушам политичар, а не новинар. Тој в џеб ги стави професионалните и етички стандарди, нешто за што по дифолт треба да говори прв човек на едно еснафско здружение на новинари, и слушам како говори со политички пораки.

Очигледно исплашениот и тактичен оној Насер, кој сите го познаваме од коуларите кој се колнеше дека сите ќе не штител, ја замени улогата. Апетитите станаа поголеми и сега Насер Селмани ја превзема улогата на лидер на опозицијата во Македонија.

И ситуацијата е следна.

Додека Србија го има Драган Ѓилас, а Хрватска Томислав Карамарко за лидер на опозиција, Македонија го има Насер Селмани. До каде стигна светот, или што би рекол Штулиќ од Азра: „Еј животе тешко ово јеботе“.

Односно во превод Насер стана лидер. Но, од друга страна просторот за таквата амбиција на Насер е чист. Во услови кога СДСМ е се’, само не сериозна опозиција, и кога практично таму се води тешка битка на суети и надвласт во партијата, Насер си ја препишува и присвојува улогата на лидер кој системски ќе ги променел работите. Како па да не? Човеков се’ повеќе наликува на еден аланфордовски јунак, кој е изгубен во преводот, ама кога ќе ве стрефи амбиција, тоа е посилно и од разумот.

Па така Насер говори за политичка култура, за режим, за политички процеси, за судски реформи и позиционираноста на третата власт. И во исто време додека се труди да го штити Кежаровски, патем осуден за дело кое нема врска со новинарски стандарди, туку се коси со членови од кривичен законик, сите ние, останати смртници и новинари кои ја немаме среќата лидерот Насер да не брани отидовме јабана. Зошто Насер не излезе со осуда и со истата жештина да го осуди оној струмички локален сдсмовски функционер кој отворено се закани на медиум, кој само ја пренесе веста дека овој станал партиски функционер иако е сопственик на телевизија. Каде беше Насер да ја одбрани фоторепортерката на Нетпрес која беше каменувана за време на протестите на 24-ти лани од страна на оние со кои сега Насер протестира и демек ја брани демократијата, каде беше ЗНМ да го одбрани Александар Спасовски кој исто така беше нападнат од таа толпа, и каде е Насер да не одбрани кога општина Центар дава милиони денари за реклами селективно на нечитани и невлијателни портали, а сите останати остануваме игнорирани, и на крајот каде е ЗНМ да не брани за десетиците тужби со кои ние се соочуваме од разно разни политичарчиња од опозицијата и ним блиски слуги, а за кои поштено си одиме по судски рочишта, и патем никаде не се жалиме.

На крајот, Македонија по многу работи е исклучок, еве и по ова:

Насер треба да биде свесен, дека буквално никаде во светот, дури ни во Србија под Мисловиќ не беше направен преседан, опозициска партија да протестира пред приватен медиум, кој исправно или не решил вака или така да работи. СДСМ протестираше пред Сител. Насер за ова не падна во несвест и ја немаше истата бучност и нервоза која ја покажува за сите други случаи каде нему блиските опозициски пријателчиња се засегнати. Во сите овие случаи, за разлика од Случајот на Кежаровски, кој нема врска со новинарството, за новинарството се работи, без исклучок. „Лидерот“ Насер го немаше никаде. Но, еве чим има желба за лидер нека му биде. За сефте би било добро да каже лидерот Насер Селмани како ќе го реши прашањето за името, што мисли за правата на бранителите од 2001-ва, и што мисли за барањата на борците од ОНА?

Епа Насер повели.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.