Насилни протести на жени во Мексико поради полициски силувања

Стотици жени во петокот вечерта по локално време излегле на улиците на мексиканската престолнина Сиудад де Мехико, протестирајќи против анводно полициско насилство врз жените, при што дошло до судири со полицијата во кои се повредени најмалку 17 луѓе.

Протестите биле организирани откако две девојки во изминатите две седмици изјавиле дека биле силувани од полицајци. Избувнали пожари на неколку места, вклучително и во полициска станица и кај споменикот посветен на независноста на Мексико. Маскирани жени, исто така, демолирале автобуска станица и оштетиле неколку полициски автомобили.

Неколку лица биле испрскани со боја, а маж удрил со бокс телевизиски репортер во текот на јавувањето во живо. Според медиумските извештаи, седумнаесет лица се повредени, меѓу кои четирнаесет се полицајци а двајца се новинари.

Демонстрантите барале правда за две девојки кои биле наводно жртви на силување. Седунаесетгодишна девојка изјавила дека една вечер кога се враќала дома била силувана од неколку полицајци, а 16-годишна девојка тврди дека полицаец ја силувал во музеј во кој работела. Градоначалничката на Сиудад де Мехико, Калудија Шејнбаум, изјави дека во врска со ваквите обвинувања во текот на истрагата се суспендирани шест полицајци.

Според податоците на Обединетите нации, две третини од жените повозрасни од 15 години доживуваат некоја форма на насилство во Мексико, а околу 35.000 жени се убиени поради нивниот пол во изминатите 25 години.