Јавно обраќање на Македонски манифест до бриселска Европа и Вашингтон по повод три години од геноцидниот Преспански договор (18 јуни 2018) за идентитетско ништење на Македонците:
Господа, евроамерикански политичари на Брисел и Вашингтон, насилното преименување на Македонците, без нивна согласност, од ваша страна претставува обнова на фашизмот по Втората светска војна, по која мислевме дека тој, ако не засекогаш, е победен барем на малку подолг рок. Но се покажа дека не е така. Американците него го обновија, не чекајќи, во август 1945 со атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки, а Европа врз грбот на Македонците само три години по завршувањето на војната, со евроамериканските бомбардери на Черчил што ги убиваа од пеленачиња до старци Македонците во Егејска Македонија за да ги приграби Грција до крај нивните полиња, села и ниви што ќе раѓаат за нив крвав леб. Но тоа не ѝ е доволно, па Брисел и Вашингтон посегнаа и по генеричкото Име на Македонците, преименувајќи ги, за истото да им го подарат на Грците со целокупниот негов богат антички културно-цивилизациски имот. Тоа е планот за целосно идентитетско обезличување на еден древен народ со длабока генеза за неговото исконско Име за кое супериорно сведочи како документ и Библијата од првите страници на Стариот сѐ до последните редови на Новиот завет.
Тоа е вистината за Македонија и Македонците на кои, евровашингтонски политгоспода, им е добро позната темната европска страст за нивно ништење до крај, почнувајќи во поновата историја од Берлинскиот конгрес 1878, па преку Букурешт 1913 кога е целосно распарчан живиот македонски организам, Версај 1919, сѐ до веќе спомнатите смртоносни бомбардери на Черчил 1948, перверзната ЕУ – лисабонската декларација 1992 со која е киднапирано нашето Име, албанскиот тероризам 2001 поддржан од Брисел и Вашингтон кои ги прогласија терористите за борци за човекови права и ги доведоа во власта и парламентот на штотуку „осамостоената“ кревка македонска национална држава, а потоа за понатамошно стгматизирање и дотолчување на Македонците ЦИА, со ЕУ поддршка ја пушти во оптек и Тиранската платформа. Тука застануваме, но тоа не е крај на македонската голгота.
Ние добро знаеме, политгоспода од Брисел и Вашингтон, дека перверзно се правдате оти преименувањето на Македонците е нивен сопствен избор, потпирајќи се на одлуката за тој гнасен чин на македонската квислиншка влада на премиерот Заев, која ја искористивте како алатка за вашето совршено злосторство, а потоа како Пилат во случајот со Исус си ги измивте рацете: ни лук јале, ни лук мирисале. Да, господа, но ние знаеме сѐ за ова злосторство, за неговата генеза и финална разврска во која Македонците се идентитетски обезглавени во Преспа 2018 со гилотината на цивилизацијата довлечкана тука за таа намена од Брисел и Вашингтон. Знаеме, како впрочем и вие што знаете, дека е тоа брутален идентитетски геноцид над Македонците, и никогаш ни тие ни Господ нема да ви простат за тоа варварско злосторство завиткано во божем цивилизациски целофан. Оти, како што велат и антрополозите нема пострашна смрт од идентитетската, која им ја наменивте вие политгоспода од ЕУ и Вашингтон на Македонците.
Колку да знаете дека знаеме и дека сме свесни за вашето злосторство. Да знаете и дека и покрај него нема никогаш да се откажеме од нашето со сила киднапирано генеричко Име и дадено на друг кому не му припаѓа. Македонците ќе се борат да го вратат него до последниот жив Македонец. Тие се спремни за борба. Меѓу нив има чесни и храбри, настрана од изродите (што ги има и кај вас), на кои се потпревте во нашата идентитетска ликвидација.
Вие наши евроамерикански иродовски и пилатовски пријатели им ја пресековте во Преспа пред три години идентитетската глава на Македонците онака како што го направи тоа, слично на вас сега, Ирод во Ерусалим со главата на Јован Крстител, праведник и светец, најголем меѓу големите по Исус, а потоа ги закла и децата во Витлеем, како сега вие Македонците. Бидете задоволни и спијте мирно со валканата совест ако можете. Ние постоиме и ќе постоиме и никогаш нема да ве оставиме на мир, оти и покрај сите ваши злосторства над нас сме неуништиви. Доволно е да ги прочитате, иако сте безбожни, посланијата на апостол Павле во Новиот завет и ќе се уверите во тоа. Оти апостолот им советуваше на суетните Грци (Ахајци како што ги вика тој), со кои имаше многу мака да ги христијанизира, да се угледаат на богољубивите Македонци што светат како „светила во расипан род“, профетски претчувствувајќи ја сликата на тој расипан род во денешната слика на Вашингтон, сеуште Дивиот запад, и бриселска Европа, Вавилонската блудница на која за нејзината цивилизациска перверзија Македонците ѝ испеаја песна уште пред едно столетие.
Доволно кажавме, наши (анти)пријатели од Брисел и Вашингтон. Останува уште на крајот да ве поздравиме со две постари, ама и денес актуелни пароли од кои вие сега смртно се плашите: „Пролетери од сите земји обединете се“ и „Смрт на фашизмот, слобода на народот!“
МАКЕДОНСКИ МАНИФЕСТ