Насилство во Центар: Кирил Божиновски барал да не биде усвоен дневниот ред на седницата

Генералниот секретар на Владата од 2013 година Кирил Божиновски, ми рече земи ја книгата „Зоки Поки” и читај. Слично како што постапи Талат Џафери, кога се донесуваше Законот за бранители. Правете што ќе правете но дневниот ред да не биде усвоен, рече денеска во своето сведочење за предметот „Насилство во Центар“, Томислав Лазаров кој бил координатор на Советничка група во 2013 година во Општина Центар.

Тој пред судот кажа дека во тој период се договарал со Божиновски и претставници од Здружението „Веритас“ да одржат мирни протести пред општината за, според него, спорните точки за поништување на ДУП-от на општината, односно за одбрана на рушењето на црквата „Св. Константин и Елена“.

– На тие состаноци не се говореше за насилство, туку само за масовност на овие протести. На 7 јуни 2013 година кога пристигнав во Советот видов лица кои немаат врска со Општина Центар, ми кажаа дека седницата е јавна и затоа се присутни. Во меѓувреме стигнаа и други граѓани од Центар, но од службите не беа пуштени да присуствуваат. Имав насоки во правец на тоа да го убедиме мнозинството да ги тргне од дневен ред тие точки. Дискусијата да биде издржана и професионална. Покрај координацијат со советниците, пред усвојување на дневниот ред, имав координација преку телефон со Кирил Божиновски и Миле Јанакиески. Бараа да ги информирам за текот на настаните. Убедувањето и забелешките не знам колку траеја, мнозинството остана на ставот дека тој дневен ред треба да биде усвоен. Во меѓувреме стигна и демонстрантите од „Веритас“, почна галама и немаше услови за одржување на седницата. Во вечерните часови претсдателот донесе одлука да прекине седницата без усвојување на дневниот ред и седницата се одложи за 10 јуни 2013 година, истакна Лазаров.

По три дена кога пристигнал на закажаната седница вратата била заклучена, поради што бил приморан преку оградата да влезе во Општината на што му посочил и на претседателот на Советот дека неможе да дозволи да почнат без сите да присуствуваат. Тој се присети дека седницата продолжила со истите забелешки и дека со тек на времето се зголемиле и тензиите.

-Луѓето што протестираа се доближија до сала на Советот на Општина Центар. Немаше услови за работа. Претседателот само даваше паузи за масата се смири и да тргне од салата. Во опасност беа сите, вклучително и градоначалникот, рече Лазаров.

Во предметот обвинети се повеќе лица, меѓу кои поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство во Унгарија, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранечшната советничка од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и осум други лица.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.