Насилството меѓу децата-учениците во училиштата

(Извадок од мојата книга: „По стапките на реформските процеси на образованието во Република Македонија“, Скопје, 2012 година)

Како човек кој подолго време работи во сферата на образованието и за образованието, како и од многубројните педагошки-психолошки и социолошки истражувања, дојдов до констатација дека и во сегашни современи услови на живеење и делување, наставникот и понатаму е во фокусот на современите тенденции,  предизвици и потреби. Во контекст на изнесеното треба да напоменам дека наставникот, како субјект и партнер во едукациските процеси, со наобразбата, знаењата, способностите, особините, вештините и поведението е значаен и воспитен  пример за младите генерации.

Децата-учениците во него гледаат не само како пример, туку и како трет родител, а сето тоа ја потврдува улогата и функцијата на наставникот. Во овој прилог сакам да напоменам дека наставникот во отсуство на родител ја превзема неговата улога и функција и дава свој придонес и за родителите на децата, односно за современото семејство, кое е се’ повеќе и повеќе се наоѓа во предизвици и кризи што бара учество на наставниците, педагошко-психолошките служби и училиштето како едукативна институција. Изнесените ставови и видувања на теоретичарите, истражувачите, за улогата на наставникот во наставата помеѓу теоријата и практиката треба да напоменам дека во литературата и периодиката од одреден број на акциони  истражувања (помеѓу теоријата и практиката), постојат искажувања, видувања и мислења на наставниците за значајните прашања во воспитно-образовната-наставната работа.

За жал, образовната практика покажува еден голем расчекор во образованието, односно запоставување на воспитната компонента. Слободно можам да констатирам дека со години се гледа на образовната компонента отколку на воспитната компонента во образованието. Воопшто не се занимаваат наставниците и стручните служби (педагог, психолог,итн), со потребите на децата. Сведоци сме на врсничко насилство на ученици, малтретирања, понижувања, исмејувања и сл. На сето тоа треба да работат службите, треба да имаат контакт со родителите, тоа е многу важно. Не смее да има запоставеност на децата. Значајни се активностите на одделенскиот час, секој наставник треба да биде педагог. Не е суштината само да се предаде материјалот и да  се стави оценка. Запоставувањето на децата во училиштата мора да се искорени,  треба да има посебни интервентни програми за работа и дејствување. За жал, тоа го нема кај нас. Нема такви програми, по кои треба да дејствуваат и работат, како во училиштето така и во слободните активности и во самото одделение. Запоставена е и соработката со родителите.

Министерството за образование и наука нема образовна стратегија. Тоа се виде со т.н. Концепција за основно образование на Mила Цароска, а истото го продолжува и актуелниот министер Јетон Шаќири. И сега, кога целосно ја запоставија воспитната компонента и ги изместија семејните вредности и педагошки норми, незнаат како да продолжат и да се изнајдат стратегии во борбата со врсничкото насилство во училиштата и надвор од него. Измислуваат ГЛУПОСТИ, ќе „проценувале ризик од употребата на мрежата Тик-Ток од учениците со можност за ограничување“. Оваа нивна ГЛУПОСТ може да има само контра ефект и не се постигнува ништо. Напротив ќе им се овозможи на децата-учениците да се снајдат со други мрежни поврзувања. Се што се забранува е љубопитно за децата-учениците! И оттука се гледа дека образовната политика и воспитно-образованите институции се во голема криза.

Да ве потсетам господа од МОН!

Насилството меѓу децата-учениците во воспитно-образовните институции несомнено е стара појава. Како резултат на незадоволувањето на одредени барања и потреби некои деца-ученици стануваат вознемирувани, напаѓани од страна на врсниците или други деца (DAN OLWEVUS 1998).

Ученикот-учениците во одредени ситуации се злоставувани, повредени или трајно изложени се на негативни постапки од страна на еден или повеќе ученика. Според одредени извори кои ја третираат оваа проблематика, насилството има и своја општествена појава и поставеност. Така на пример според студијата на (DAN OLWEVUS 1998) се наведува дека во Шведска во касните 60-ти и раните 70-ти години, насилството поизразито доаѓа во таа земја за да подоцна се прошири и во другите Скандинавски земји. Поконкретно во Норвешка проблемот на насилството и жртвите од насилството биле предмет на проучување и истражување на одредени општествени институции и медиумите во што подоцна се вклучиле и наставниците и родителите.

По 80-тите години, насилството во Скандинавските земји добива поизразита димензија и како резултат на тоа покрената е општо-национална кампања за решавање на проблемите на насилството, жртвите, за што посебни активности и мерки превземаат минитерствата во Норвешка.

Каква е состојбата во Република Македонија?

Според анализата на состојбата на децата во Република Македонија (УНИЦЕФ во Македонија, 2008 година) констатирано е дека во Република Македонија, насилстото во семејството вклучува употреба на сила закана и заплашување, како и емоционално и сексуално злоупотребување. Насилството во многу случаи е насочено кон жените, па и децата во фамилијата, за што е познато дека има огромно штетно влијание врз детскиот психолошки развој и благосостојба.

Во Република Македонија на семејното насилство се гледа како на „приватна семејна работа“ за жал и нема адекватни системи за евидентирање и третирање на случаи на насилство кон децата.

Податоците за насилство во домот од МИКИ (Мултииндикаторско кластерско истражување 2005/2006 година) покажуваат дека 70 отсто од сите деца на возраст од 2-14 години, се предмет на барем една форма на психичка или физичка казна во домот, а 16 проценти од децата на оваа возраст се предмет на сериозна физичка и психичка злоупотреба.

Насилството помеѓу самите деца како и помеѓу децата и родителите и наставниците е уште еден значаен проблем во Република Македонија. Тоа можеме да го поткрепиме од истражувањата во студијата за воспитанието и образованието за правата на децата во Македонија (Ѓ.Илиевски 2010 година).

Истражувањата за квалитетот на образованието од 2007 година, спроведени од страна на УНИЦЕФ, покажуваат дека злоупотребувањата се случуваат и во рамките на образовниот систем.

Насилството – согласно литературата

За актуализирање и третирање на проблемот на насилството, согласно литературата, периодиката и истражувањата кои се правени на овој план можеме да го структуираме проблемот во четири тематски целини:

  • Во првата тематска целина се третира и дава преглед на тоа што е познато за проблемот за насилството меѓу децата-учениците во училиштето;
  • Во втората тематска целина треба да се дадат одредени анализи и прикази на интервенциските активности и програми и од нив да изведиме сознание за тоа како треба да се постапува со проблемот на насилството во училиштето во одделението и во комуникацијата со поедини ученици;
  • Во третата тематска целина треба да се направи преглед на повеќе позитивни примери на интервенциските активности и програми, кои можат да послужат како пример и патоказ за едуцирање;
  • Во четвртата тематска целина, по мое согледување, треба да се изнесат дополнителни практични совети за спроведување на активностите и програмите во поедини училишта каде што насилството е поизразито.

Насилството како појава во поведението се третира како општ начин: ученикот е злоставуван или трајно изложен на негативни постапки од страна на еден или повеќе ученици. Негативната постапка е кога некој намерно задава или настојува да зададе повреди или други непријатности. Негативните постапки можат да се изведат со: зборови – вербално, заканувачки, заплашување, насилство и дивеење. Негативна постапка е тогаш и кога некого го удираме со раце и нозе или непристојно однесување, исклучување на некој од групата и слично. Насилство може да изведе поединец-насилник или група насилници. Во насилството во училиштата цел на насилството се поедини ученици.

Од литературата и педагошката периодика, педагошко-психолошките служби при училиштата, Центрите за социјална работа и делумните истражувања кои се правени на овој план за воспитната запоставеност на поедини деца од различните социјални категории, средини и етничко-национална припадност, можеме да согледаме дека насилството е поизразено по урбаните средини, односно во поголемите градови. Тоа посебно доаѓа до израз во градот Скопје, кој е со мешано етничко национално население со приградските населби, незапоставувајќи ги и градовите од истичниот, западниот и јужниот дел во Република Македонија. Во наведените урбани центри-градови, согласно потребите на населението, родителите и учениците постојат централни и приградски училишта, каде се едуцираат ученици од различна етничка и национална припадност. Во одреден број на училишта наставата се изведува во мешовит состав на учениците што е добро, а во одреден број одвоено од етничко национална припадност (Н. Петров 2005 година).

Од Анализата на досегашните случувања можеме да согледаме дека насилството како појава повеќе доаѓаше до израз надвор од училиштата, а помалку во училиштата во одделенијата-класовите, што не наведува на фактот дека наставниците, педагошката служба и управата на училиштето согласно организираноста и поставеноста имале големо влијание врз учениците што е и за поздравување. Меѓутоа, одреден број на ученици согласно психофизичката развиеност-адолесцентноста и незадоволството во постигањата во училиштето си даваат за право да манифестираат незадоволство, односно насилство спрема други поединци и групи од одделенијата, од иста или различна национална припадност, на што наставниците, педагошките служби, управите треба да обрнат поголемо внимание.

Заедништвото е нужно неопходно на овие простори. Во минатото се живеело заеднички за просперитет на младите генерации. Прочем на тоа не’ обврзува Конвенцијата за правата на детето (Ѓ.Илиевски, 2010 година) која недоволно се имплементира и практикува.

Што можеме да направиме за спречување на насилството?

Насилството треба и подобро е да се спречи отколку да се лечи, како негативна појава во поведението. За таа цел потребно е индивидуално да се запознае секој ученик од одделението-класот односно училиштето, кои изразуваат и манифестираат негативно поведение. Како резултат на тоа, повеќето од нив укажуваат на фактот и потребата од изготвување на ИНТЕРВЕНЦИСКИ ПРОГРАМИ на ниво на училиште, на ниво на одделение-клас и на индивидуален степен на ученикот кои треба да бидат кординирани на ниво на општина меѓу општини и на државно ниво.

На ниво на интервенциска програма на училиште пожелно е да има прашалници:

  • училишни состаноци во врска со проблемите на насилници и жртви;
  • контрола во текот на одморот;
  • контрола на детско-ученичките престојувања и игралишта;
  • телефонски разговори со родители и ученици;
  • состаноци на наставници и родители;
  • наставничка група која работи на развивање на општественото-опкружување во училиштето и
  • родителски средби.

Програми за одделение-клас:

  • одделенско-класовните прописи против насилствата;
  • поведение, пофалби и казни;
  • редовни одделенски-часовни состаноци;
  • играње на улоги на поведение во одредени ситуации;
  • соработничко учење;
  • заеднички позитивни одделенско-класовни дејности;
  • одделенски часовни состаноци;
  • наставник-ученици;

Индивидуални програми:

  • содржински разговори со насилниците и жртвите;
  • содржински разговори со родителите на насилниците и жртвите;
  • помош на „неутралните ученици“ со укажување;
  • помош и подршка на родителите (со соодветна литература и периодика за родителите која недостасува);
  • промена на одделението или училиштето (како крајна мерка);

Предложените мерки, програми и активности претставуваат сеопфатен интервенциски програм. Сите тие мерки се корисни во делокругот на програмите за остранување на проблемите на насилството. Истовремено знаеме дека делумните искуства од примената на напред наведените мерки и активности даваат позитивни ефекти за што истите треба да се практикуваат и посуштински научно се ефектуираат, и истражуваат од теоријата и практиката на таканаречените акциони истражувања. (Акциони истражувања, М.Кундачина, 2007 година).

Наведените мерки програми и активности се структуирани во соработка со одреден број наставници, класни раководители, педагози, психолози и родители.

Главната основа за изработка на интервенциските програми се укажувањата и забелешките на наставниците кои напоменаа дека преку таквите програми и активности учениците-насилници се мобилизираат и се ставаат во активна социјализациска комуникација и поведение.

Во прилог на изнесеното, сакам да напоменам дека во училиштата каде што се применуваа, даваат забележителни ефекти во: поведението, социјализацијата и намалување на насилството, поконкретно злоставување на патот кон училиштето и од училиштето, не е изразито. Намалено е поведението на вандализам, на тепање, крадење, неоправдани изостаноци и слично како и подобрување на училишната клима во одделението во редот дисциплината и односот према учењето и училиштето, и забележано е задоволство на учениците во училишниот живот.

Практични примери

Врз основа на примената на мерките, програмските активности за намалување на агресивноста од следењето на наставниците согледано е дека истите кај одредена категорија на ученици даваат позитивни ефекти, но неподеднакво од сите програмски активности и содржини, на што се укажува од потреба на примена на дополнителни насочувања и советувања. Поконкретно речено примена на наведените мерки и активности треба да дадат директорите на училиштата, како педагошки водители и кординатори на сите активности во училиштето.

Имено, кога се воведуваат интервенциски мерки и активности директорот на училиштето треба да даде подршка за примената за таквите програми, вклучувајќи ги со себе педагозите, психолозите и поискусните наставници кои треба да ја сочинуваат кординациската група на училиштето, односно ќе кординираат со одделенско-класовите наставници, оделенско-класовните заедници, советот на родителите вклучувајќи го и училишниот одбор во училиштето. Имено, кординативната група повремено ќе врши контрола за време на одморот, вон наставните активности, ќе ја прати примената и правилата на организацијата и правилата на одделенските состаноци, обавување на разговори со учениците „насилници“ и нивните родители од кои ќе изведуваат сознанија и заклучоци за негативното поведение, агресивноста за нормализирање и хомогенизирање на одделенско-класовиот колектив.

Наведените сознанија укажуваат дека насилството како општествена и асоцијативна појава на поведението во современи услови на живеење се повеќе го актуализира насилството како резултат на повеќе општествени промени, миграциони движења, урбанизација модерен начин на живеење со што се намалува воспитната вредност на семејството и на одреден број на деца и ученици се препуштаат на училиштето, улицата, а сето тоа условува појавување на пристапништвото, деликвенцијата и манифестирање на агресивноста.

Од тие причини се јавува потреба сите чинители подеднакво да ја превземаат  функцијата и улогата на воспитувањето на децата-учениците семејството од овој аспект на семејна емотивна клима што преставува основа за понатамошниот развој и воспитание, а не да ја пропушти улогата само на училиштето. Училиштето како едукативна институција има своја општествен улога, но и педагошка-едукативна која согласно програмско-курикуларните основи и програми реализира програмски содржини и активности односно училишни и вонучилишни во чие реализирање значајна улога имаат и родителите, но незапоставувајќи ја воспитната улога на училиштето. И во тој поглед треба да го дадат заедничкиот прилог и придонес во развојот и формирањето на младите генерации идни граѓани на општеството. И покрај взаемното делување и соработување на семејството-родителите, училиштето и наставниците за едукација на учениците во практиката на секојдневието наидуваме на поедини ученици од различни семејни и социјални средини и категории кои по прилика на објективни и субјективни околности остапуваат во поведението на однесувањето, стануваат проблем за себе, за родителите за училиштето, наставниците за средината и општествената заедница. Од тие причини семејството и училиштето, родителите и наставниците должни се да преземаат мерки и активности за превентивно делување преку посебни програми, таа категорија на ученици да ја насочат кон превенирање и нормално однесување кон  секојдневието на животното учење и училишните активности. Од тие причини општеството треба да има слух и разбирање за превентивно едуцирање и толерирање за таа категорија на ученици, за што е потребно да се изготват посебни информативно-пропагандни материјали во вид на брошури, прирачници, прашалници кои ќе бидат достапни за сите чинители и учесници во едукациските процеси.

Ваквиот тренд треба да го следат и невладините организации, домашни и странски кои ги третираат прашањата за развојот на воспитанието и хуманизацијата и толеранцијата на децата-учениците, како што се: Сојузот за грижи за воспитување на децата (сега не постојат, ги нема детските одморалишта… зошто?) Подмлаткари на црвениот крст, Сојузот на извидници, хуманитарни организации, УНИЦЕФ и други.

Согласно изнесените сознанија и видувања треба да истакнеме и напоменеме дека Конвенцијата за правата на детето во Република Македонија и покрај декларативните залагања сеуште во практиката на секојдневието во институциите за воспитание и образование и институциите на државата не е на завидно ниво, што укажува и дава до знаење дека треба да се реактивира Националното координативно тело од повеќе органи, институции и невладини здруженија кои согласно Конвенцијата, состојбите и програмските активности ќе го следат процесот на практикување на правата на детето во воспитно-образовните институции, наставните програми, вон наставните активности и во содејство со здруженијата на граѓани ќе создаваат услови и можности за практикување на Конвенцијата за правата на детето во Република Македонија.

Наведените сознанија и видувања сами по себе потврдуваат дека во сузбивањето на агресивноста-насилството како негативна појава и како превенција треба да земаат учество сите чинители субјекти на ниво на Републиката Македонија.

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес