Наскоро договор за СЈО !?

Работните групи на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ веќе од следната недела ќе ги интензивираат разговорите за постигнување договор за законот за јавно обвинителство со којшто се уредува и идната работа на Специјалното јавно обвинителство.

Според неофицијални информации, оваа рунда на преговори меѓу тимовите на власта и опозицијата се очекува дека ќе резултираат со договор и законот ќе биде изгласан во Собранието веднаш по изборите со консензус.

Министерката за правда, Рената Дескоска вели дека и по последните амандмани испратени од опозицијата не е постигнат значителен напредок и поместување во однос на клучните разлики.

„Тоа се разликите што се однесуваат пред се на продолжувањето на започнатите постапки од СЈО, користењето на доказите што се прибрани во тие судски постапки и во крајна линија завршувањето на постапките со цел да се добие правдата во оваа земја“, рече Дескоска.

За опозицијата неспорно е дека СЈО треба да продолжи со работа, но само како одделение во рамки на Јавната обвинителство за гонење на организиран криминал. ВМРО ДПМНЕ инсистира специјалните обвинители и останатите обвинители да бидат изедначени во ресурсите со кои располагаат.Сметаат дека истрагите отворени од СЈО по истекот на законскиот рок треба да запрат бидејќи истите според домашното, но и меѓународното право се незаконски и лесно би биле оспорени дури и пред меѓународните судови.

Претставниците на власта и опозицијата имаат повеќе средби во текот на изминатите неколку недели, но досега беше остварен мал напредок во однос на првичните позиции.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.