Наскоро укинување на скапиот роаминг меѓу Западен Балкан и ЕУ

-Оваа година треба да стапи на сила договорот за роаминг, според кој сите повици на мобилни телефони, исто како и користењето на интернет преку мобилен телефон, во Западен Балкан и ЕУ ќе ги плаќаме по исти цени како што плаќаме во нашите сопствени земји. Истото правило, да потсетиме, извесно време важи и кај членките на ЕУ.

Ова денеска на Твитер го објави пратеникот Бојан Главашевиќ, пратеникот во хрватскиот Сабор, кој рече дека оваа идеја постои одамна, но сега е блиску до реализација.

„Денеска во парламентот се одржа комисијата за европски прашања, каде државната секретарка Андреја Метелко Згомбиќ рече дека главниот договор е веќе потпишан, но треба да се потпишат уште неколку помали договори. Можеби до крајот на годината ќе заживее тој роаминг во кој граѓаните на ЕУ и земјите од Западен Балкан би ги платиле истите цени како во нивната национална тарифа“, потврди Главашевиќ за „Н1“.

Овој договор ќе ги опфати сите земји од Западен Балкан кои моментално се во пристапни преговори со Европската унија, вклучувајќи ги Босна и Херцеговина, Србија, Северна Македонија… „Тоа е добра порака до тие земји, поттик за понатамошни реформи, по што ќе следат дополнителни придобивки“, оцени Главашевиќ.