Наследничката на Меркел нема да се кандидира за канцелар на Германија

Анегрет Крамп-Каренбауер, која германската канцеларка Ангела Меркел ја одреди како нејзина наследничка, нема да се кандидира за највисоката функција во Германија.

„Дојче веле“ и „Спутник интернешнал“, кои ја пренесоа веста, засега не дадоа повеќе информации. Крамп-Каренбауер е на чело на Христијанско-демократската партија.

Според извори на Ројтерс, Крамп-Каренбауер нема да се кандидира за местото канцелар во 2021 година, кога ќе се одржат изборите. Истовремено, агенцијата пренесува дека Меркел инсистирала на тоа Крамп-Каренбауер да остане на местото министерка за одбрана.

Таа неодамна беше во центарот на политички скандал поради што беше свикан состанок на владејачката коалиција, со кој претседаваше германската канцеларка Ангела Меркел.

Единствена тема на собирот била прашањето за иднината на коалицијата, по политичкиот потрес на изборите во покраината Тирингиј, кога за првпат беше избран преиер со помош на десничарската Алтернатива за Германија.

Социјалдемократите бараат одговор и одговорност од Христијанско-демократската унија и го критикуваат раководството на Анегрет Крамп-Каренбауер, наследничката на Меркел на чело на ЦДУ.