Настапува најдолгото делумно помрачување на Месечината во 580 години

Најдолгото делумно помрачување на Месечината во последните 580 години ќе се случи во четвртокот доцна ноќта и во петокот рано утрото, а овој феномен, доколку дозволат временските прилики ќе биде видлив од сите 50 американски сојузни држави, но и во поголемиот дел од светот.

Помрачувањата на Месечината се случуваат кога Сонцето, Земјата и полната Месечина формираат речиси соврешен линија во Вселената и кога Земјата минува меѓу Месечината и Сонцето, така што нејзината сенка ја прекрива Месечината. Месечината во текот на помрачувањето е на најоддалечената точка од Земјата и постепено лизга во Земјината сенка сѐ додека поголем дел од нејзиниот диск од сребреносива боја не мине во темно портокалова или црвена махагони боја, потсети Американското здружение на астрономите.

Кулминацијата на делумното помрачување ќе се случи рано утрото во петокот, кога 97 отсто од видливата страна на Месечината ќе бидат прекриени со сенката на Земјата, пишува USA Today.

Според податоците на американската агенција за вселенски истражувања NASA, ова помрачување ќе трае 3 часа и 28 минути, што е најдолгото делумно помрачување на Месечината во овој век и најдолгото во последните 580 години. Последното делумно помрачување на Месечината која траела долго се случило на 18-ти февруари 1440 година, а следниот пат од Земјата толку долго помрачување на нејзиниот природен сателит ќе може да се види на 8-ми февруари 2669 година.

За разлика од помрачувањето на Сонцето, за набљудување на овој феномен не се потребни специјални очила. Потребно е само да се разбудите и да излезете надвор во студената ноќ добро облечени, велат од NASA.

„Делумните помрачувања на Месечината можеби не се толку спектакуларни како нејзинтие целосни помрачувања, кога Месечината е целосно прекриена со сенката на Земјата“, објави NASA.

Покрај во Северна Америка и на Хаваи, помрачувањето ќе може да се види и од деловите на Русија, а набљудувачите во Јужна Америка и во западна Европа ќе го видат заоѓањето на Месечината пред помрачувањето да ја достигне кулминацијата.

Појавата убаво ќе може да се види и во Австралија, на Нов Зеланд, Јапонија, Кина и во југоисточна Азија, но ниедна фаза од помрачувањето нема да биде видлива од Африка, од Блискиот исток и од областа на западна Азија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.