Наставниците незадоволни и загрижени за учениците по најавите на Царовска за останување на постоечкиот модел на настава

Наставниците незадоволни и загрижени, посебно за судбината на учениците, по најавите на министерката за образование, Мила Царовска, дека постоечкиот модел на спроведување на наставата, односно онлајн ќе остане до крајот на учебната година. Стравуваат дека оваа учебна година, со овој модел на реализирање на наставата, нема да ги постигнат посакуваните резултати во пренесувањето на нови знаења на учениците.

Голем дел од наставниците веќе подолго време алармираат дека кај учениците забележуваат уназадување во образувањето, посебно тоа е забележливо кај просечните ученици.

Со најнова реакција се јави наставничката Сузана Јакупи Курбардови која за телевизија АлсатМ изјави дека стагнацијата кај учениците е евидентна уште од почетокот на онлајн наставата, и ако до крајот на учебната година, тогаш тие освен со уназадувањето на учениците ќе се соочат и со проблемот за нивно оценување.

-Застојот на учениците е многу очигледен. Учениците кои се на некакво попросечно ниво во однос на постигањата во образовниот процес, имаат многу назадувања. Самото го гледам тоа, тие се попасивни за време на реализирањето на часовите. Ако оваа учебна година навистина заврши на онлајн, ние наставниците ќе се соочиме со уште поголем проблем надвор од платформата, со оценување на учениците – рече Сузана Јакупи Курбардовиќ, наставничка во основното училиште „25 Мај“.

Од ова училиште има 285 ученици кои сеуште не следат никаков вид на настава, дури ни онлајн, затоа што немаат компјутерска опрема.

Пред неколку дена со реакција во медиумите се јави и друг професор. Имено, професорот Авзи Мустафа предупреди дека постоечкиот модел на настава, на кој воедно упорно инсистира министерката Царовска, како краен резултат на крај на годината да имаме неписмени ученици. Тој вели дека за време на онлајн наставата никој нема контрола врз тоа каде се ученици и од каде се вклучуваат, тогаш кога се приклучуваат на час, затоа што често се случува тие да не се приклучат на часот со изговор дека имаат проблем со интернетот.

Наставниците исто така се жалат дека немаа и соодветни средства за работа, како на пример добри компјутери и интернет, со кои колку токлу подобро да ја реализираат предвидената наставна програма.

Но и покрај овие реални и постоечки проблеми на кои постојано алармираат добар дел од наставниците, власта нема слух. МОН на чело со Мила Царовска упорно ја туркаат истата агенда, без притоа воопшто да не ги согледаат и да не превземат ништо за решавање на евидентните проблеми и потешкотии. Освен што упорно ја туркаат истата агенда, Царовска никако да каже кој е ефектот во однос на стекнување на знаења од страна на учениците, од стартот на учебната година до сега, која и така почна со еден месец задоцнување.