НАТО апелира да се смират тензиите меѓу Турција и Русија

Советот на НАТО денеска одржа вонреден состанок во врска со соборувањето на рускиот авион од страна на турски ловец, на кој е оценето дека треба да се постигнат и да се почитуваат договори за избегнување вакви инциденти во иднина.

Јасно повторувавме дека изразуваме солидарност со Турција и поддршка на територијалниот интегритет на нашиот сојузник – се наведува во писмената изјава на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг објавен по состанокот.

Столтенберг натаму нагласува дека за настанот разговарал со турскиот премиер Ахмед Давутоглу, како и дека Турција го информирала НАТО оти соборила авион на руското Воено воздухопловство, кој го нарушил турскиот воздушен простор.

И претходно изразував загриженост поради можните последици од воените акции на Русија во близина на границите на НАТО -наведува Столтенберг во изјавата, додавајќи дека Алијансата внимателно ќе го следи развојот на настаните на своите југоисточни граници.

Првиот човек на НАТО натаму апелира за продолжување на контактите меѓу Анкара и Москва и повикува на смирување на тензиите и на деескалација на состојбата.

Дипломатијата и деескалацијата се значајни за надминување на сегашната ситуација – порача Столтенберг во писмена изјава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.