НАТО бара од Русија да ги предаде сите податоци од програмата „новичок“

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенбер, ја повика во петокот Русија да ги даде сите податоци за наводната нејзина програма „новичок“ по наводното труење на рускиот опозициски блогер Алексеј Навални.

„Ја повикуваме Русија целосно да ја извести Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW) за својата програма новичок. Сојузниците во НАТО се согласни дека Русија мора сега да одговори на сериозни прашања. Руската влада мора целосно да соработува со OPCW во рамките на непристрасната меѓународна истрага“, рече Столтенберг на прес-конференција во Брисел.

Терминот „новичок“ започна да се користи откако Велика Британија во март 2018 година ја обвини Русија дека со овој нервен агенс ги затрула во англиски Солсбери поранешниот двоен руско-британски шпион Сергеј Скрпал и неговата ќерка Јулија. Тогашната британската премиерка Тереза Меј рече дека двајцата биле отруени со воен нервен отров кој го нарече „Новичок“ кој Советскиот сојуз го развил во 1970 и 1980-те години, во тогашна источна советска република денеска независна држава.

Русија, пак, објави дека името „Новичок“ е дадено за да асоцира на „руско“, но дека станува збор за агенс познат како А-230 и подвид А-234, кој го развивале и Велика Британија, Шведска, Чешка и Словачка, како и САД каде што со децении живее еден од руските хемиски научници кои работеле на вакви супстанции. Чешкото разузнавање пред две години потврди дека мали количества од „новичок“ се тестирани во ноември 2017 година во Воено-истражувачкиот институт во Брно, а потоа биле уништени.

Москва, исто така, има скепса во врска со (не)пристрасноста на OPCW, откако во кусиот извештај за инцидентот во англиски Солзбери немаше јасно насочување за кој отров станува збор и за неговото потекло, што беше во спротивност со извештајот на независната швајцарска лабораторија кој беше отфрлен. Тогаш еден од главните научници кои учествувале во советската програма Леонид Ринк поочи дека количеството од агенсот што го соопшти OPCW, доколку станувало за „новичок“, кој е инаку нестабилна супстанција, би го отрул целиот Солзбери.

Столтенберг, исто така, во петокот порача и дека „одговорните за труењето треба веднаш да бидат изведени пред суд“. „Секое користење на хемиско оружје сведочи за целосен недостиг на почитување на човечкиот живот и претставува очигледно кршење на меѓународното право“, додаде челникот на НАТО.

Додаде и дека Германија ги информирала своите сојузници во НАТО за резулататите од нејзината истрага, според која Навални бил изложен на невротоксичната супстанција од типот „новичиок“

Столтенберг притоа не сакал да шпекулира за можни санкции против Русија. Претходно американски сенатори и европски политичари во врска со санкциите изјавија дека речиси и не останал простор кој веќе не е опфатен со санции против Русија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.