НАТО ги поддржува САД во мировните преговори со талибанците

НАТО „во целост“ ги поддржува напорите на САД за постигнување на договор со талибанците во Авганистан, изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг по средбата со американскиот државен секретар Мајк Помпео во Брисел.

Столтенберг го осуди и синоќешниот напад на талибанците во Кабул, при што загинаа најмалку 16 цивили. Нападот беше извршен додека во посета на Кабул беше американскиот претставник Залмај Калилзад.

Калилзад вчера изјави дека САД ќе повлече 5.000 американски војници од пет бази во Авганистан во рамките на предложениот договор со талибанците. Повлекувањето ќе се случи во рок од околу четири месеци по одобрувањето на конечниот договор – доколку талибанците се придржуваат кон своите обврски односно на териториите под нивна контрола нема да дејствува Ал Каеда и други терористички групи.
Во Авганистан во моментот се распоредени од 13.000 до 14.000 американски војници. САД интервенираа во Авганистан во 2001 година во обид да ја уништат екстремистичката група Ал Каеда, одговорна за нападите од 11 септември и за да ги соборат талибанците од власт во Кабул. Во екот на најголемите борби во 2011 година американскиот контингент броеше 98.000 војници.

Помпео за време на дводневната посета на Брисел синоќа се сретна со новата претседателка на Европска Комисија, Урсула фон дер Лајен, а денеска со новиот претседател на Европски совет, Шарл Мишел и со претседателот на Европски Парламент, Давид Сасоли, како и со новиот шеф на европската дипломатија Жозеп Борел.