НАТО и длабоките држави на САД и ЕУ – „атомски бомби“ во Третата светска војна

страшо ангеловски

Претпоставувам дека на многумина насловот ќе им биде чуден, дури и неверојатен. Посебно на оние кои не знаат,или не сакаат да веруваат дека светот веќе со децении се наоѓа во Третата светска војна и дека сите ние учествуваме во неа и противно на својата волја,всушност,како и во секоја војна до сега.

Имено, откако креаторите на војните, а тука, пред се’, го сместуваме военоиндустрискиот комплекс, енергетскиот комплекс на нафта и гас, најмоќните мултинационални компании и пазарот на капитал, односно банкарскиот систем, сфатија дека класичните војни оние во кои се употребува оружје за масовно уништување, вклучително и атомското, се непродуктивни за нив, ги создадоа американската и европската длабока држава, па наместо пиштолот на Гаврило Принцип за убиство на австроунгарскиот престолонаследник како повод за Првата светска војна, оваа Третава ја започнаа многу посуптилно. Ја започнаа преку Михаил Горбачов и неговата „гласност“, уништувајќи го Советскиот Сојуз, заедно со него и Варшавскиот пакт и го отворија патот кон непречено владеење со светот од еден центар, а преку неолибералните, радикално леви глобалисти.

Сфатија дека уништувањето на „непријателот“ со на пример атомско оружје, ќе предизвика целосно уништување на таа „непријателска“ држава, заедно со нејзините ресурси, ќе значи загадување на почвата, водата и воздухот со што ќе бидат неупотребливи за децении нанапред, ќе значи смрт за милиони луѓе кои ќе бидат изгубени како робовска работна сила. Со тоа таа станува неупотреблива за нив и за зголемување на нивното богатство, па ја започнаа тивката окупација на државите, нивното уништување од внатре, притоа зачувувајќи ги од физичко уништување.

Така, со децении наназад, не препуштајќи ништо на случајот работеа на создавање и светска промоција на неолибералните неморални и „слободоумни“ вредности, прикажани како врвни вредности на западнохристијанската цивилизација, која е нели единствената демократија кон која треба да се стреми целото човештво. Па, традиционалните вредности на кои се потпира единката, семејството и државата беа прикажувани како затвор за духот, а единката како маж или жена, семејството како заедница токму на маж и жена, родителите како татко и мајка и државата потпрена на здраво семејство, требаше да бидат уништени. На нивно место требаше да се инсталира родово неосознаено хомосексуално суштество, истополово семејство, родител еден и родител два, со избришани национални чувства и чувство на припадност кон заедница создадена од народ, а наречена држава. Така уништените поединци, семејства и држави требаше да бидат лесен плен за нивните ненаситни апетити.

И, токму тука доаѓаме до насловот на текстов. Вака формираната воена организација НАТО, која е ударната тупаница на креаторите на војни од почетокот на текстов, прикажувајќи се со маслиново гранче во детско раче, треба да ви даде привид дека во најмала рака е формирана да ве штити токму вас од сето зло на овој свет, дека е формирана само заради мирот на Петко од Пашино Рувци, на Бранко од Куклиш, на Тодор од Горубинци… па, сите вие убедени во ова да ги прифатите сите неморални неолиберални вредности, да се откажете од сите традиционални вредности кои со векови ви ги крепеле семејството и државата, само и само час поскоро да станете дел од ова „мирољубиво“ друштво. Токму затоа велам дека е НАТО, како организација кон која сме измамени дека треба да се стремиме, „атомската бомба“ на современата војна која е во тек, бидејќи како лажна вредност, разурнува општества и цели држави поефикасно од најмоќната атомска бомба.

ЕУ, создадена на принципите на кои постои, со отуѓени корумпирани политичари, скапо платени во меките бриселски фотелји, ја претставува европската длабока држава, создадена за одвнатре да ги поткопува сите европски држави, нејзини членки или оние кои сакаат тоа да бидат. Создадена како магливо ветување на кое ќе му го предадете својот суверенитет, а за возврат ќе добиете неморал и лажни вредности, кои ќе ви ги уништуваат децата, семејството и државата. Создадена како розова слика, розова иднина која ве чека само вас. Единствено што треба е да ги прифатите неолибералните неморални вредности и да се откажете од традиционалните вредности кои со векови ви ги крепеле семејството и државата. Таквата европска длабока држава, за жал, е втората „атомска бомба“ во современава војна, зашто за националните држави има поголема разурнувачка моќ и од атомската бомба.

И кога ќе сфатите кој е вашиот непријател, дури тогаш сте подготвени да се борите против него. Кога ќе сфатите дека не се САД и ЕУ вашите непријатели, туку дека вашите вистински непријатели се длабоките држави на САД и ЕУ, тогаш сте подготвени да се фатите во коштец со нив користејќи го вистинското оружје. Оружјето се вика – СУВЕРЕНИЗАМ.

Оружје кое веќе го користат Путин и Ердоган, го користат Орбан и Салвини, го користат Борис Џонсон и Доналд Трамп, оружје насочено кон неолибералните, радикално леви, глобалистички злосторници. Оружје како единствено ефикасно во веќе започнатата Трета светска војна против оние 5 проценти кои поседуваат 95 проценти од светското богатство, а чии „атомски бомби“ се американската и европската длабока држава и нивната ударна тупаница, НАТО.

Тоа ќе рече дека Третата светска војна, која е веќе во тек, а која ќе биде понемилосрдна од досегашните две, се води меѓу неолибералните, глобалистички сопственици на 95 проценти од целото богатство на човештвото, преземено од рацете на народите и нивните национални држави, вооружени со лажни неморални вредности на длабоките држави, од една страна и политичките суверенисти, вооружени само со честа, вистината и традиционалните вредности кои низ вековите ги крепеле семејствата и државите, од друга страна.

Катастрофалниот пораз на неолибералните глобалисти во Британија, предводени од Џереми Корбин, за кого данскиот весник „Jullands – Posten“ пишува дека е посттроцкист, од суверенистите на Борис Џонсон, и паничните реакции на неолибералните политичари од американската Демократска партија, со однапред осуден на неуспех импичмент за Доналд Трамп, говорат дека и покрај со децении инсталираните длабоки држави на неолибералите, суверенистите се помоќни бидејќи ја имаат поддршката на измамениот и понижен народ. Народ кој се буди од розoвиот сон на холивудската пропаганда на длабоките држави.

Неделните претседателски избори во Хрватска, каде Мирослав Шкоро, потпрен на „Хрватските суверенисти“, оствари трет разултат со огромни безмалку 25 проценти гласови, наспроти кандидатите на централнолевите и централнодесните веќе етаблирани големи партии, е предупредување плус за ваквите партии да побегнат од прегратката на европската длабока држава и да се свртат исклучиво кон интересите на својот народ и својата држава.

Доналд Трамп и Борис Џонсон, ноќта на 31 декември, честитајќи ни ја заеднички новата 2020 година од Белата куќа, ќе ни порачаат дека иднината на човештвото е во движењето на суверенистите. Да им се придружиме.

За доброто на Македонија.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес