НАТО и Полска велат дека ракетата „заталкала“ од Украина, намалувајќи го ризикот од ескалација

Проектилот кој во вторникот вечерта погоди село во Полска во близина на границата со Украина бил заталкан проектил на украинската противвоздушна одбрана а не руски напад, потврдувајќи ги претходните тврдења на руското Министерство за одбрана, објавија во средата НАТО и Полска, намалувајќи ја глобалната загриженост од ескалација на руско-украинската војна, што можеби и била целта на инцидентот.

„Истрагата за овој инцидент е во тек и мораме да ги сочекаме резултатите, но нашата прелиминарна анализа укажува на тоа дека инцидентот веројатно го предизвикала ракета на украинската противвоздушна одбрана поради одбрана на својата територија од руските крстисувачки проектили“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на прес-конференцијата на итниот состанок на Северноатлантскиот совет кој го сочинуваат амбасадорите на државите членки на НАТО.

Меѓутоа, руското Министерство за одбрана во средата, идентификувајќи ги снимките од остатоците од ракетата која падна во Полска како проектил од противвоздушниот ракетен систем „С-300“ на украинската војска, истакна дека руските воздушни удари во вторникот не се одвивале во областа од најмалку 35 километри од украинско-полската граница. Исто така, Москва посочи и дека во вторникот не бил изведен воздушен удар врз Киев, имплицирајќи дека покажаните уривања на станбени објекти во украинската престолнина веројатно се предизвикани од проектили на „С-300“, коишто според ова тврдење не би требало да бидат во функција во споменатите области.

Во вторникот вечер во селото Пшеводув во југоисточното југоисточно Лублинско војводство недалеку од полската граница со Украина падна проектил при што загинаа две лица. Тоа предизвика тревога во целиот свет, имајќи предвид дека проектилот паднал во земја членка на НАТО, а Киев и Варшава синхронизирано веднаш ја обвинија Москва и зборуваа за „руски проектил“ што во Кремљ го оценија како „опасна антируска хистерија“ која може да доведе до „неконтролирана ескалација“ на конфликтот.

Сепак, иако е веќе сигурно извесно дека проектилот на полска територија долетал од Украина, Столтенберг рече дека Москва а не Киев во крајна линија е виновна за почетокот на војната и за нападот кој ја активирал украинската одбрана.

„Да бидам јасен, за ова не е виновна Украина. Русија ја понесува одговорноста за она што вчера се случи во Полска, бидејќи тоа е директен резултат на војната и низата напади од Русија во Украина“, рече Столтенберг кој е во продолжение на мандатот на чело на НАТО.

Полскиот претседател Анджеј Дуда потврди дека Варшава не поседува никакви докази дека Русија ја истрела ракетата која усмрти двајца негови сонародници.

Извор од НАТО за агенцијата Reuters претходно во средата рекол дека претседателот Бајден ги известил челниците на сојузниците во Г7 и во НАТО дека експлозијата во Полска ја предизвикала украинска ракета на противвоздушната одбрана

Според информациите со коишто располагаме ние и нашите сојузници, тоа била ракета С-300 од советско производство, стара ракета и нема докази дека ја истрелала руската страна. Многу е веројатно дека ја истрелала украинската противвоздушна одбрана“, додаде Дуда.

Но во твитот објавен неколку часа по инцидентот, украинскиот претседател Владимир Зеленски, како и полските функционери го обвини „рускиот ракетен терор“.

Веднаш утрото американскиот претседател Џо Бајден изјави дека е малку веројатно дека проектилот бил истрелан од Русија, имајќи ја предвид траекторијата на летот проектилот.

„Мораме да утврдиме што всушност се случило. Потоа заеднички ќе решаваме за чекорите кои ќе ги преземеме“, изјави Бајден по состанокот со сојузниците во Г7 и во НАТО на самитот на Бали на Г20.

Веднаш откако највисоките западни функционери и челници потврдија дека експлозијата речиси сигурно ја предизвикал украински проектил од системот за противвоздушна одбрана кој може да дејствува и како чисто ракетен систем, украински политичари рекоа дека Киев сака да добие пристап до местото на експлозијата во источна Полска.

Секретарот на украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана, Олексиј Данилов, изјави дека Укина сака заеднички да го истражува вчерашниот инцидент „со своите партнери“ и да ги види информациите „врз кои се темелат заклучоците на сојузниците“.

Високиот советник на украинскиот претседател Михаило Подолјак претходно во средата рече дека „единствено Русија треба да се обвинува за инцидентите со проектилите“.

„Кога агресорска земја изведува намерен масивен ракетен напад врз целата територија на голема земја на европскиот континент со своите застарени советски оружја (ракета од класата Х), трагедиите порано или подоцна ќе се случат и на териториите на другите држави“, објави Подолјак

Москва повторно отфрли дека има каква и да е поврзаност со инцидентот во Полска и дека во вторникот изведувала напади во близина на украинско-полската граница и во украинската престолнина Киев. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, притоа обвини некои од западните земји, во прв ред Полска дека повторно „хистерично русофобно“ реагирале на инцидентот предупредувајќи дека тоа води во опасност до ескалација на судирот, но ги пофали САД и претседателот Џо Бајден за покажаната „воздржаност“ во врска со тоа.

„Уште еднаш сакам да ве повикам да обратите внимание на доста воздржаната реакција на Американците, која е во спротивност со апсолутно хистеричната реакција на полската страна и низа други земји. Зошто тоа се случи? Веројатно би требало прашањето да ѝ го поставите на Варшава и да барате од полските функционери да бидат повоздржани, поурамнотежени и попрофесионални кога зборуваат за толку чувствителни и потенцијални опасни теми“, рече Песков.