НАТО нема да интервенира доколку Русија употреби нуклеарно оружје, вели Медведев

Поранешниот претседател и премиер Дмитриј Медведев, сега потпретседател на Советот за безбедност порача во вторникот дека Русија има право да го користи нуклеарното оружје доколку е неопходно, во строга согласност со Основите на државната политика во областа на нуклеарното одвраќање.

„Треба да ве потсетам уште еднаш – за глувите, оние кои се слушаат само себеси. Русија има право да употреби нуклеарно оружје доколку е неопходно. Во однапред одредени случаи. Во строга согласност со Основите на државната политика во областа на нуклеарното одвраќање. Ако ние или нашите сојузници бидат нападнати со таков вид оружје. Или ако агресијата со употреба на конвенционално оружје го загрозува самото постоење на нашата држава“, напиша Медведев на својот Telegram канал.

Медведев истакнува дека руските „непријатели сакаат да даваат грандиозни изјави“, да ги користат термините „слобода“, „демократија“, „мисија“… Оценува притоа дека станува збор за демагогија и „злобна врескачка реторика“, кои се користат „во обид да ја одбранат својата ексклузивност и правото да владеат со светот“.

„Темата последните денови е руската нуклеарна закана. (Американскиот претседател Џо) Бајден и (британската премиерка Лиз) Трас (…) бараат Русија да ја тргне раката од своето ‘нуклеарно копче’. Сите заедно постојано ни се закануваат со ‘застрашувачки’ последици од Лондон. А зелената во умот лондонска тетка е целосно подготвена веднаш да започне размена на нуклеарни напади со нашата земја“, додава Медведев.

Оценува дека НАТО нема да интервенира ниту доколку Русија употреби нуклеарно оружје како одговор на украинска агресија, а власите во Киев би требало да бидат барем малку свесни за тоа.

„Да претпоставиме дека Русија е принудена да го употреби најстрашното оружје против украинскиот режим, кој извршил голем чин на агресија кој го загрозува самото постоење на нашата држава. Верувам дека НАТО нема директно да се вмеша во конфликтот ниту во таква ситуација“, пишува уште Медведев.

Истакнува дека безбедноста на Вашингтон, Лондон и Брисел за Северноатлантската алијанса е „многу поважна од судбината на Украина во умирање која никому не му е потребна, дури и доколку изобилно е снабдена со разно оружје“.

„Прекуморските и европските демагози нема да сакаат да гинат во нуклеарна апокалипса. Затоа, тие ќе ја проголтаат употребата на секакво оружје во сегашниот конфликт“, убеден е рускиот политичар.

Според Медведев, „би било убаво кога барем делумно свесни за овој тажен заклучок би биле властите во Киев… но, за жал, ова е речиси нереално.