Научници бараат одложување на втората доза од вакцината на Фајзер

Научници ги повикуваат владите да ја одложат примената на втората доза на вакцината Фајзер/Бионтек против коронавирусот бидејќи веќе после првата доза се покажува нејзината висока ефикасност од 92,6 отсто.

Канадскиот епидемиолог Данута Сковронски и Гастон де Серес, професор на канадскиот медицински факултет на Универзитетот Лавал, во трудот објавен во списанието New England Journal of Medicine  велат дека нивниот заклучок се темели на документацијата која Фајзер ја доставила до Американската агенција за храна и лекови.

И во случајот на втората вакцина базирана на информациската РНК – Модерна утврдено е дека веќе по првата доза ефикасноста е 92,1 отсто, пишуваат Сковронски и Де Серес.

Тие притоа предупредуваат дека сѐ уште не е познато колку долго трае заштитата која ја дава една доза од вакцината базирана на информациската РНК, и истакнуваат дека давањето на втората доза еден месец по првата доза дава „краткотрајно малку дополнителна корист“.

– Со оглед на моментниот недостиг на вакцини, одложувањето на втората доза е прашање на национална безбедност која, ако биде игнорирана, сигурно ќе резултира со илјадници хоспитализации и смрт поради ковид-19 во текот на зимата во САД – пишуваат авторите.

Фајзер за својата вакцина препорачува да се даде во две дози во растојание од 21 ден и сѐ уште не тестирал други распореди за вакцинација, и порача дека одлуката за давање само на една доза е работа на надлежните во здравството.

– Ние во Фајзер веруваме дека надлежните во здравството мораат да испитаат други распореди за вакцинација како би се осигурале дека вакцината ќе овозможи најголема можна заштита – додала фирмата.

Извор: ХИНА