Научници велат вакцинацијата го намалува ризикот од пренесување на коронавирусот

Израелски научници спроведоа истражување кое покажува дека вакцинацијата против коронавирус, покрај тоа што создава лична заштита, го намалува и ризикот од нејзино пренесување.

Претходно беше научно докажано дека вакцината штити од Ковид-19, но сепак со дилема дали вакцинираните лица сè уште можат да бидат преносители на вирусот.

Научниците предводени од Идан Јелин од Технолошкиот институт во Хаифа ги анализирале лабораториските резултати на 5.800 заразени лица, од кои половина ја добиле првата доза на „БионТек“ и „Фајзер“.

Со ПЦР тестовите е откриено дека вакцинираните пациенти произвеле четири пати помалку честички од вирусот од 12. до 28 ден по приемот на вакцината, отколку оние кои не ја примиле вакцината.

Помала количина вирус значи и помала можност за пренесување.

Клеменс Вендтнер, германски експерт кој не учествувал во истражувањето, рече дека тоа е „надежно“, иако израелската студија сè уште не ја поминала стручната рецензија.

– Вакцината на „Фајзер“ не само што создава лична заштита, туку може да се претпостави дека со доволно вакцинирање на населението може да создаде колективна заштита во однос на имунитетот на заедницата, рече Вендтнер.

Тој додаде дека сè уште не е јасно дали вирусите откриени кај заразените, но вакцинирани лица се уште се заразни или се работи за мртви фрагменти кои не се способни за реплицирање. Тој посочува дека на тоа треба да се спроведат дополнителни истражувања.

Вендтнер додава дека е потребно да се утврди колку вирус ќе има вакцинираното лице во организмот откако ќе добие две дози од вакцината.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.