Научниците ја открија тајната на идолите од Велигденскот Остров

Група археолози и стручњаци за структурата на почвата од САД, Нов Зеланд и Чиле откриле дека древните Полинезијци ги поставиле на Велигденскиот Остров камените идоли Моаи, зашто верувале дека овие статуи помагале да се сочува плодноста на земјата, се наведува во студијата објавена во сајтот Phys.org.

Во текот на анализата, експерите проучувале две монолитни статуи во близина на вулканот Рано Рараку на источниот дел од островот. Според една од авторките на студијата, Џоан Ван Тилбург, научниците дошле до научни докази дека целта на подигнувањето на камените идоли е да се зголеми родноста на почвата.

Хемиската анализа на почвата во близина на Рано Рараку открила висока концентрација на елементи како што се фосфорот и калциумот, кои се важни во земјоделието за високи приноси. Тоа, пак, им овозможило на научниците да заклучат дека подножјето на вулканот им служело на древните локални жители не само како извор на камен, туку и како плодно земјиште неопходно за земјоделието. Истовремено, истражувањето покажало дека во древните времиња голем број земјоделски култури биле одгледувани во оваа област.

„Нашите ископувања го прошируваат сфаќањето за Моаите и ни даваат на знаење дека она што првично го гледаме како нешто очигледно, никогаш не е токму такво како што изгледа“, заклучува Ван Тилбург.

Велигденскиот Остров е едно од најмистериозните места на Земјата, на кој пред околу две илјади година опстојувала бизарна полинезиска цивилизација Рапанауи, којашто зад себе оставила бројни траги во форма на гигантски идоли Моаи.

Оваа цивилизација исчезнала од Велигденскиот Остров уште пред во регионот да пристигнат Европејције. Научниците за тоа гледаат две причини: осиромашување на ресурсите како резултат на масовното уништување на шумите и животните од страна на Полинезијците и поврзано со тоа војните меѓу домародните племиња.