Научниците ја проучуваат врската меѓу коронавирусот и имунолошкиот систем

Имајќи предвид дека сѐ уште не е целосно јасно на кој начин човековиот имунолошки систем реагира на коронавирусот, научниците од 17 истражувачки центри во Велика Британија настојуваат да ги најдат одговорите на прашањето за тоа колку трае имунитетот по заразата и поради што има толкав број тешки случаи на коронаинфекцијата.

Новоформираниот Британски имунолошки конзорциум (UK-CIC) кој се занимава со новиот коронавирус наведува дека со проучувањето на човечкиот имунолошки систем ќе се придонесе во борбата против пандемијата. За таа цел, од Британскиот центар за истражувања и иновации и од Националниот институт за медицински истражувања добил 6,5 милиони фунти, пишува BBC.

Ворологот и имунолог, проф. Мала Маини од лондонскиот Јуниверзити Колеџ, која го води споменатиот истражувачки тим, вели дека „одговорот на нашиот имунолошки систем на вирусот одредува како ќе реагираме кога ќе се заразиме со него“.

„Од тоа зависи колку сериозно ќе се разболеме кога ќе добиеме акутна инфекција, колку долго ќе бидеме заштитени по инфекцијата и како ќе реагираме на вакцината. Клучната реакција на вирусот е во нашиот имунолошки систем“, вели проф. Маини.

Од појавата на новиот коронавирус научниците се натпреваруваат во настојувањата што побрзо да откријат на кој начин човечкиот организам реагира на инфекцијата.

Благите до умерени случаи на заразата со коронавирусот проф. Маини ги нарекува „школски пример од учебниците“ на одговор на имунолошкиот систем. „Се чини дека сите клучни делови на овој сложен имуно-систем во овој случај заедно добро функционираат“, сметаа таа.

Меѓутоа, споменатиот конзорциум UK-CIC се надева дека ќе успее да ја открие улогата на имунолошкиот систем и во потешките случаи на заразата. Бараат и одговор за тоа колку трае имунитетот по „прележаната“ инфекција. Изминатава седмица научниците од Хонгконг го евидентираа првиот случај на повторена зараза кај еден пациент, а кусо подоцна и во Холандија и во Белгија беа потврдени уште по еден таков случај.

Порфесор Пол Мос, еден од членовите на конзорциумот и експерт од Универзитетот Бирмингем, вели дека станува збор за „првиот случај меѓу милиони, што секако би требало да се земе предвид за да бидеме свесни колкав е тој сооднос“.

Постои и загриженост дека имунитетот на коронавирусот со текот на времето опаѓа. Но фактот дека заразеното лице од Хонгконг во текот на втората инфекција не покажувало никакви симптоми, укажува на тоа дека стекнатиот имунитет би можел да биде поефикасен во спречувањето на повторниот развој на болеста.

Научниот тим на конзорциумот ќе истражува и дали некои луѓе едноставно се имуни на коронавирусот, дури и доколку никогаш не биле изложени на него. Имено, неколку претходно спроведени истражувања покажале дека претходната изложеност на некој од коронавирусите кои предизвикуваат обична настинка му овозможува на имунолошкиот систем да го препознае и новиот коронавирус.

Професорот Мос вели дека клучно е да се пронајде одговорот на следното прашање: дали може заразата со друг поблаг коронавирус да ве заштити од тоа да заболете од Covid-10 или болеста токму поради тоа ќе биде потешка.