Научниците најдоа супстанца што го намалува ризикот од смрт од Covid-19

Американските научници открија дека луѓето со висок индекс на омега-3 масните киселини имаат значително помал ризик од смртност при заболување од Covid-19 отколку пациeнтите со недостаток од оваа супстанца, се нaведува во студијата објавена во научното списание Prostaglandins, Leukotrienes and Essential Fatty Acids.

Последниот период беа објавени повеќе публикации во кои научниците сугерираат дека омега-3 масните киселини имаат позитивни ефекти кај пациентите инфицирани со новиот коронавирус, но досега немаше објавено рецензирани студии кои би ја поткрепиле оваа теза.

Истражувачите од Институтот за масни киселини (FARI) при калифорнискиот Медицински центар „Сiдарс-Синај“ ги објавија првите директни докази дека повисоките нивоа на омега-3 масните киселини во крвта го намалуваат ризикот од смртен исход кај заболените од Covid-19.

Авторите на студијата го анализирале индексот на омега-3 (O3I – вкупното ниво на масните киселини EPA и DHA во мембраните на црвените крвни зрнца) со анализа на крвата која била земена од сто пациенти со Covid-19 во текот на хоспитализацијата. Четиринаесет од овие пациенти починале.

Според резултатите од обработката на податоците добиени со помош на софтверот OmegaQuant Analytics, пациентите биле групирани во четири групи според индексот O3I. Се покажало дека 13 од 14 смртни исходи се во групата со најмалиот индекс O3I, односно помалку од 5,7 отсто. Регресивната анализа, прилагодена на возраста и полот, покажала и дека веројатноста до смртен исход кај испитаниците од оваа група била четирипати поголема отколку кај оние со повисоко ниво на O3I.

„И покрај тоа што ова пилот-истражување и не ги исполнува праговите на статистичкото значење, таа заедно со изобилството докази за антиинфламаторните ефекти на EPA и DHA масните киселини, силно сугерира дека достапните морски масни киселини може да го намалат ризикот на несакани исходи кај Covid-19. Очигледно, потребни се пообемни студии за да се потврднат овие прелиминарни резултати“, вели главниот автор на студијата д-р Араш Ашпер, од Институтот за рак и рехабилитација „Самуел Ошин“ при Медицинскиот центар „Сидарс Синај“ во Лос Анџелес, цитиран во соопштението на FARI.

Авторите сметаат дека ниското ниво на омега-3 може да се смета како предиктор за висок ризик од смрт од Covid-19, а високото ниво на индексот O3I како заштите од потешките форми на текот на болеста со брзо ослободување на воспалителни цитокини. Истражувачите го припишуваат тоа на фактот дека долговерижните омега-3 масни киселини, како што се EPA и DHA, кои се наоѓаат во рибиното масло, имаат моќна биолошка активност и антиинфламаторни ефекти и го намалуваат прекумерниот инфламаторен одговор, ткн цитокинска бура која е една од главните причини за смртност од Covid-19.