Научниците запреле пропаѓање на органите по смртта, обновиле клеточни функции

Врз основа на поранешните опити на свињи, научниците откриле дека пропаѓањето на ткивото по смртта може да биде запрено и дека може да се обноват клеточните функции, што би можело да придонесе за зголемување на бројот човечки органи за потребите на трансплантациите, објавија научниците во магазинот Nature.

Шеесет минути откако ја запреле работата на срцето кај анестезирани животи истражувачите од американскиот универзитет Јејл успеале повторно да ја покренат циркулацијата на крвта со помош на специјализиран уред и синтетичка течност којашто го пренесува кислородот и други компоненти важни затоа што го поттикнуваат здравјето на клетките и ја сузбиваат појавата на воспаление.

По шестчасовен третман извршен со таканаречената OrganEx технологија, се намалил или се поправиле некои оштетувања, како на пример отекување на ткивото на органот или колапсот на крвните жили, што обично се случува поради недостиг од кислород во моментот кога срцевиот застој ќе го запре протокот на крвта.

„Резултатите од студијата покажуваат дека откако ќе престане да работи телото не е ‘толку мртво’ како што досега претпоставувавме. Успеавме да покажаме дека сме во состојба да ги ‘убедиме’ клетките да не умрат“, велат научниците од Јејл.

Генетската анализа на ткивата укажува на тоа дека молекуларните и клеточните процеси на обновувањето започнале откако повторно е воспоставена циркулацијата.

Во споредба со традиционалниот начин на обновување на циркулацијата, односно со екстракорпоралната мембранска оксигенација (ECMO), технологијата OrganEx „успеала да ја зачува компактноста на ткивото, да ја намали клеточната смрт и да ги обнови избраните молекуларни и клеточни процеси во повеќе витални органи“, пишуваат истражувачите во студијата.

Се надеваат дека технологијата OrganEx со текот на времето ќе овозможи да се зголеми бројот на човечки органи за трансплантации кај донорите со тешки неповратни повреди на мозокот, така што ќе се спречат оштетувањата коишто настануваат по престанувањето на циркулацијата на крвта. Таквите органи засега функционираат полошо по трансплантацијата во однос на оние добиени од мозочно мртвите донори кои се на апарати за одржување во живот.

Меѓутоа, научниците велат дека дотогаш би можело да минат години. Теоретски, технологијата еден ден би можела да биде употребена за да се врати во живот некој кој тукушто починал. Но сметаат и дека ќе треба да бидат изведени уште многу експерименти пред да се постигнат некакви резултати. Веруваат дека засега користењето во трансплантацијата на органите е многу поблиска и пореална е целта, но генерално секаква употреба на OrganEx како медицинска терапија е „на долг пат“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.