Научник кој тврди дека го измислил „новичок“ му се извини на Навални, колегите го побиваат

Вил Мирзајанов кој повеќе од треиесет години живее во САД и во советскиот период учествувал во создавањето на нервниот агенс „новичок“ со кој наводно бил отруен Алексеј Навални, му се извини на рускиот опозициски блогер за инцидентот со овој неверојатно силен боев отров кој без проблеми го преживеал, додека негови колеги хемичари го оспоруваат тврдењето.

„Длабоко му се извинувам на Навални затоа што учествував во овој злосторнички потфат кој резултирал со развој на токсична супстанција која го отрула“, изјавил во саботата Вил Мирзајанов во интервју за рускиот опозициски канал ТВ Дожд.

Научникот кој и денеска живее во САД, стана познат по објавувањето на почетокот од 1990-те години во американските стручни списанија формулите на отровот наречен „новичок“, кој истовремено со Советскиот сојуз го развивале и армиите на Велика Британија, Шведска, Чешка, САД и други западни земји.

Тројца поранешни советски научници кои денеска имаат над 70 години, досега потврдија дека учествувале во развојот на „новичок“ но имаат контрадикторни ставови. Според повеќето од нив, станува збор за многу токсичен агенс со кој не може да се манипулира во обични секојдневни услови затоа што е многу нестабилен, дека е тешко да се употреби насочени само кон едно лице и оти шансите да се преживее труење со него се речиси никакви.

„Навални ќе мора да биде многу трпелив, но на крајот ќе оздраве“, вели Вил Мирзајанов, предвидувајќи целосно закрепнување за „околу една година“. Тој смета дека симптомите кај Навални биле „многу слични“ со дејството на „новичок“ и оти веројатно го проголтал отровот и дека се чини дека не довел во опасност други лица

Спротивно на него, друг научник кој вели дека учествувал во создавањето на „новичок“, Владимир Углев, за руските истражни органи рекол дека фактот дека Навални преживеал упатува на тоа дека веројатно дошол во контакт со отровот преку кожата и дека не го проголтал.

Леонид Ринк, кој е претставен во руските медиуми како еден од главните учесници во развојот на нервно-парализирачката супстанција „новичок“, во неделата за агенцијата РИА ја коментираше изјавата на Вил Мирзајанов, кој исто така се нарекува „творецот“ на отровот.

Ринк притоа тврди дека Мирзајанов никогаш не бил вклучен во научниот тим кој работел на развојот на оваа супстанција.

„Тој нема никаква врска со биохемијата или со нешто слично. Тој е обичен хроматограф. Тој не беше во нашата екипа, тој се занимаваше со контрола на отпадните води , кои се излевале од претпријатието или влегувале во цевководите. Тој (Мирзајанов) нема никаква поврзаност со создавњето на ‘новичок’“, тврди Ринк.

Рускиот научник притоа истакнува дека поради својата специјалност и невклученоста во развојот на отровот, Мирзајанов воопшто не може да ги знае симптомите кои се јавуваат при труење со „новичок“.

„Може да претпоставува некаква структура, но не и биолошкото дејство“, оценува Ринк и истовремено претпоставува дека Мирзајанов со својата изјава „извршува нечија наредба“.

Притоа Ринк уште еднаш истканува дека симптомите кои се забележани кај Навални веднаш по полетувањето од Томск кон Москва и при неговото итно хоспитализирање во специјализираната болница за актуни труења во Омск, како и самиот факт дека тој го преживеал наводниот напад, се многу спротивни со дејствијата кои ги предизвикува „новичок“.

„Стопати кажав дека неговите сипмтоми немаат никаква врска со ‘новичок’. Тој едноставно немаше да преживее доколку стануваше збор за ‘новичок’“, заклучува Ринк.