Научниците ја регистрираа митската честичка HeH+

Научниците објавија дека првпат во Вселената со помош на уникатната летачка опсерваторија SOFIA ја откриле молекулата наречена HeH+ за којашто се смета дека е првата молекула формирана во космосот и која го означила „раѓањето на хемијата“, се наведува во студијата објавена во списението Nature.

Според општоприфатената теорија, Вселената настанала пред 13,8 милијарди години со Големиот тресок. Била исполнета со униформен гас, а го сочинувале лесни елементи како што се водород и хелиум. Според оваа теорија, околу 100.000 години подоцна, кога температурите почначе да опаѓаат, молекулата HeH+ се формирала од атом на хелиум и протони.

Овој пресвертнички момент е „првиот чекор во долгата еволуција којашто траела со милијарди години и во завршницата создала молекули толку комплексни како што е ДНК“, појаснува Дејвид Нојфилд од американскиот универзитет Џонс Хопкинс, коавтор на студијата објавена во споменатото списание.

Иако постоењето на молекулата HeH+ е лабораториски демонстрирано уште во 1925 година, таа никогаш не била откриена во вселената. И со прочина, бидејќи со времето исчезнала од нашето опкружување, се трансформирала во молекули на водород и атоми на хелиум.

„Изостанувањето на конечниот доказ за нејзиното постоење во меѓуѕвездениот простор пред астрономите поставува вистинска дилема“, објаснува другиот коавтор на студијата Ролф Кистен од институтот за радиоасторномија Макс Планк во Германија.

Молекулата конечно се појавила во младата планетарна маглина NGC 7027, чиишто услови се одраз на примитивната Вселена. Митската молекула е регистрирана со SOFIA, што е англиска кратенка од Стратосферска опсерваторија за инфрацрвена астрономија (Stratospheric observatory for infrared astronomy), а всушност станува збор за авион „Boeing 747“ кој е преадаптиран во летачка опсерваторија.