Научниците направија човеко-мајмунски ембрион химера

Ембрион на глушец со клетки на стаорец во срцето

Тим од шпански и американски научници успеале да создадат ткн ебрион-химера, односно хибрид човек-мајмун во една лабораторија во Кина, како дел од експериментот чија цел е да се најде начин како да се развиваат органи за трансплантација, објави претходно седмицава шпанскиот дневен весник El Pais, цитирајќи една од учесничките во проектот, биологот и проректор за истражувања при Католичкиот универзитет во Мурсија, Естрела Нуњез.

Експериментот го извел тим во кој учествувале и научници од американскиот Универзитет Солк кој главно го финансирал истражувањето, а кој го предводел Хуан Карлос Изписуа. Овој ембрион го нарекле химера, според битието од грчката митологија кое делумно е змеј, дел е коза а дел е лав, термин под кој во биологијата се подразбираат организми кои содржат клетки на два различни вида, односно организам создаден од нивни генетски хетерогени клетки.

Научниците инјектирале човечки матични клетки во ембриони на животни, а резултат на експериментите бил ембрион со човечки клетки. Всушност генетски ги модификувале ембрионите од мајмун, за да ги деактивираат гените неопходни за формирање органи, а потоа во нив ги инјектирале човечките матични клетки, кои може да создадат кој и да е вид ткиво во ембрионот. Така, како што се наведува во написот, добиле ембрион на мајмун со човечки клетки, кој не е роден, бидејќи научниците го запреле процесот.

Проектот се изведувал во Кина за да се избегнат правните проблеми, бидејќи шпанското законодавство строго ги ограничува ваквите истражувања. Во Шпанија овој вид истражувања главно се забранеи и се ограничени на истражувања на смртоносни болести. Тимот засега не дал повеќе поединости за експериментот, бидејќи сакаат своето откритие прв да го објават во некој од престижните научни магазини.

„Резултатите се многу ветувачки“, рекла Нуњез. „Сега се обидуваме не само да продолжиме со експериментот со човечки клетки, на глодари и свињи, туку и на не-човечки примати“, додал Изписуа. „Конечната цел е да се создаде човечки орган погоден за трансплантација, но патот до самата цел е речиси исто толку интересен за научниците“, додава Нуњез.

Изписуа натаму појаснува дека неговиот тим уште во 2017 година го извел првиот експеримент со човечко-свинска химера, но и дена тој не бил толку успешен. Вели дека неговиот тим може да направи химери меѓу слични видови, како стаорци и глувци, кои имаат пет пати поголема сличност отколку луѓето и свињите.

Научниците во 2017-та, исто така, ја користеле револуционерната алатка за интервенција во геномот CRISPR, за да ги деактивираат гените во ембрионот на глувците, кои се клучни за развојот на срцето, очите и панкреасот, а потоа уфрлиле матични клетки од стаорец кои можат да и генерираат овие органи. Резултатот бил создавање повеќе химери ембриони на стаорци и глувци, чиј развој е запрен во согласност со меѓународниот консензус за ваквите видови експерименти.

Директорот на Центарот за регенеративна медицина во Барселона, Анхел Раја, ја истакнува важноста до придржување до етичките бариери во експериментите со химерите.

„Што ќе се случи доколку матичната клетка се одметне и формира човечки неврони во мозокот на животното? Дали кај него ќе се јави свест? И што ќе се случи доколку овие матични клетки се претворат во клетки на сперма“, прашува Раја.

Нуњез на тоа вели дека истражувањето на тимот има механизам да се самоуништат човечките клетки кои „мигрираат“ во мозокот. За да се избегнат етичките проблеми, научната заедница одреди 14 дена како „црвена линија“ за бременоста, што сепак не е доволнозза развој на човеков цвентрален нервен систем. Нуњез потенцира дека сите ембриони на химерата се уништени пред истекот на рокот, како и дека ниеден не бил изнесен до крајот.