Наумоф ги претстави инвестициските можности на Македонија во Канада

Министерот Џери Наумоф ги претстави инвестициските можности на Македонија на Форумот „Инвестициски можности за бизнис во Југоисточна Европа“, организиран од Советот на НАТО на Канада што се одржа во Торонто.

„Министерот, пред 60-тина претставници на бизнис заедницата од Торонто, ја претставил бизнис климата во Македонија и предностите за инвестирање и проширување на нивните активности во нашата земја. Највисоките менаџери на компании кои присуствуваа на форумот во голема мера беа заинтересирани за достапноста на квалификувана работна сила , како и поволната бизнис клима во комбинација со предностите на даночниот систем. Претставниците на компании кои присуствуваа на Форумот, од секторите за автомобилска индустрија, енергетика и минерални ресурси, изразија интерес да ја посетат Македонија“, се вели во соопштението од кабинетот на Наумоф.

Министерот Наумоф се сретнал и со сенаторот и Претседавач на Советот на НАТО на Канада, Хју Сегал и Џули Линдхул, Претседател на Советот на НАТО на Канада и ги договориле првичнте  аранжмани за посета на бизнис делегации од Канада и Македонија.

Во текот на посетата на Торонто, министерот, како што велат од неговиот кабинет, остварил успешни средби со неколку компании од различни сектори за производство, како и со претставници на компании од  градежната, прехрамбената и филмската индустрија кои веќе имаат интерес за инвестирање во Македонија. Во организација на Џон Битов , еден од најуспешните македонски бизнисмени во Канада и светот, на работен ручек со реномирани бизнисмени, министерот Наумофф детално информираше за можностите за инвестирање во Македонија.

По таа средба, угледните бизнисмени, воспоставиле контакти со менаџерите на компании, потенцијални инвеститори во македоското стопанство.  Министерот Наумоф на средбата со Реза Мориди, министер за истражување и иновации на најголемата индустриска канадска провинција Онтарио,  договори посета на делегација на угледни бизнисмени од тоа подрачје.