Наумоски: Ќе се постави семафор на „Борис Сарафов“

Во координација со Град Скопје, денеска општина Ѓорче Петров добила информација дека на критичното место ќе биде поставен семафор со кој ќе се реши проблемот со сообраќајот, брзото возење и непочитување на пешаците кои минуваат на пешачкиот премин кај училиштето „Мирче Ацев”, на улицата „Борис Сарафов”, го соопшти градоначалникот Александар Наумоски.

Како градоначалник, жител на општината, и родител изразувам големо жалење за незгодата при што повредено е дете кое е наш сограѓанин. Посакувам што побрзо да закрепне, и се надевам дека по решавање на сообраќајниот проблем, никогаш повеќе во мојата општина, на тоа место, нема да се повтори ваков немил настан, кој за жал се повторува. Во повеќе наврати, заедно со релевантните засегнати страни, но и невладини организации кои работат на проблематиката, како општина инициравме средби на оваа тема, а дебатиравме за можни решенија токму пред неколку дена во мојот Кабинет.

Тој повикува пред се на свесност и совесност кај возачите кои сообраќаат по таа улица, особено затоа што во тој дел од Ѓорче Петров, поради училиштето, во најголем број се движат деца, но и на разумност кај родителите и смирување на тензиите поврзани со овој настан. Исто како и тие, и јас очекувам преку конкретен проект, конечно решавање на проблемот.

Граѓани од населбата Ѓорче Петров вчеравечер се собраа на протест кај училиштето „Мирче Ацев“ откако попладнето беше прегазено дете, а и за вечерва се најавени протести во 18 часот.

Детето веднаш било пренесено во болница, но сега е во стабилна состојба. Родителите на учениците од ООУ„ Мирче Ацев“ како и околните жители, подолг период апелираат за поставување на светлосна сигнализација, бидејќи претходно беа полесно повредени уште неколку деца во сообраќајни несреќи на истата улица.

Пред помалку од еден месец друго десетгодишно дете беше прегазено на истата улица.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.