Наумоски: Максимално ќе ги почитуваме правилата на ФИБА

Претседателот на Македонската Кошаркарска Федерација, Петар Наумоски, е оптимист дека нема да дојде до суспензија на нашиот национален тим што би значело и неучество на “црвено-жолтите” на Евробаскет 2015.

Како што е добро познато, проблем претставува учеството на МЗТ Скопје во АБА-лигата, натпреварување што не е признаено од страна на ФИБА, па светската куќа на кошарката сега им се заканува на националните федерации дека доколку не влијаат врз клубовите, може да дојде и до суспензија на нивните национални тимови во пресрет на европскиот шампионат.

“Станува збор за незгодна ситуација за која беше дискутирано и на последниот конгрес на ФИБА на Малта. Сите федерации од регионот, вклучувајќи не тука и нас, изразија отворена поддршка на ФИБА, како наша матична организација по чии правила на игра се раководиме сите. Јас и тогаш предупредив на проблемот што би се случил доколку наспроти нашата поддршка кон ФИБА, некои клубови останат лојални кон АБА-лигата како натпреварување од кое гледаат одредени бенефити, во случајот на МЗТ Скопје тоа е играњето квалитетни средби против врвни клубови од регионот. Тоа е тема на која се уште се полемизира, но да бидам искрен, не верувам дека ќе дојде до суспензија бидејќи ние нема да дозволиме такво нешто со тоа што максимално ќе ги почитуваме правилата на ФИБА. Македонија преку квалификациите обезбеди место на Евробаскет 2015 и уверен сум дека нашите кошаркари ќе бидат дел од овој шампионат”
– изјави Наумоски за порталот ЕКИПА.

Само за потсетување, ФИБА преку писмо се закани на федерациите дека може да им следи суспензија од сите натпреварувања доколку клубовите што искажале писмена поддршка на АБА-лигата не ја повлечат истата. Останува да се види разврската на оваа непријатна ситуација, но за очекување е на крајот да биде пронајдено решение од кое ќе бидат задоволни сите страни, па репрезентациите од поранешна Југославија да учествуваат на претстојниот европски шампионат.