Навални го објави првиот пост по излегувањето од кома

Рускиот опозициски блогер Алексеј Навални, за кого германската влада тврди дека бил отруен со нервниот агенс „новичок“ во Русија по што беше пренесен во берлинската клиника „Charit“, објави дека по излегувањето од кома може да дише самостојно.

„Поздрав, тука Навални. Сите ми недостасувате. И натаму тешко можам да направам нешто, но вчера можев самостојно да дишам цел ден. Навистина самостојно, без никаква надворешна помош, дури и без едноставен вентил во грлото. Многу ми се допадна“, напиша во вторникот на Instagram.

Навални во моментов е на лекување во берлинската болница „Шарите“, каде е изведен од состојбата на медицински предизвиканата кома. Блогерот беше ставен во индуцирана кома веднаш по принудното слетување поради неговата влошена здравствена состојба во Омск, каде што лекарите во специјализираната болница за акутни труења веднаш му дале и атропин, што според германските лекари му го спасило животот.

Со одвоени тестови во Франција, Германија и Шведска наводно е утврдено дека е отруен со „новичок“, нервен гас кој бил развиван во советскиот период. Меѓутоа, овој боев отров во истиот период го развивале и војските на САД, Велика Британија, Чешка, Шведска и други западни земји. Многу стручњаци се сомневаат дека и доколку станува збор за труење, малку е веројатно дека е користен токму споменатиот нервен агенс, зашто поради составот и големата токсичност тешко може да се ракува со него насочено кон поединец во вообичаени услови. Покрај тоа, како и што оценија германските лекари на Навални, труењето со „новичок“ предизвикува големи а можеби и трајни нарушувања.

Во телефонски разговор во понеделникот францускиот претседател Емануел Макрон од својот руски колега Владимир Путин бараше „без одложување“ да се откријат сите факти за наводното труење на Навални. Макрон случајот го нарече „обид за убиство“ и повика на транспарентна истрага, соопшти Елисејскиот дворец.

Русија од своја страна објави дека спровела повеќе истраги на своја територија, дури и по целата маршрута по која се движел Навални во Томск од каде полетал кон Москва на летот на кој му се слошило. Москва, исто така, сѐ уште го очекува одговорот на Берлин да се разменат и споредат биоматеријалите од Навални кои ги добиле германските лекари и оние кои ги добиле три руски лаборатории кои не нашле траги од отровни супстанции.

Во вторникот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за новинарите дека руската страна „не ги разбира“ причините поради кои Германија не ги предава биоматеријалите на Алексеј Навални во врска со случајот.

„Има вистинска ситуација со берлинскиот пациент, и во овој случај Русија апсолутно беше и останува отворена за соработка и заеднички активности во откривањето на тоа што навистина се случило. За да се направи напредок во ова прашање, Русија неопходно мора да има соработка со германската страна во добивањето на биолошките материјали од пациентот. Од некоја причина, сѐ уште не добивме одговор од нашите германски колеги во врска со ова“, изјави во вторникот за новинарите портпаролот на рускиот претседател.

„Во овој случај едноставно го констатираме нашето длабоко неразбирање за тоа што се случило и ги потврдуваме нашата подготвеност и нашите намери да откриеме што се случило“, додал Песков.