Навални објави фотографија од непознато место со детали од летот од Сибир

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални објави фотографија со сопругата Јулија на неговиот инстаграм профил, направена на непозната локација во Германија. Навални неделава беше отпуштен од болница, а во објавата се заблагодари на „добрите непознати луѓе“.

Навални вели дека чувствува голема благодарност кон голем број луѓе, на кои не им ги знае имињата, а кои одиграле клучна улога во неговата судбина.

Нив им се обраќа со „непознати добри луѓе“.

-Колку што разбрав, планот на убиецот бил едноставен: да се чувствувам лошо 20 минути после полетувањето, после 15 минути да паднам во несвест. Медицинската помош ќе биде недостапна, а после еден час да го продолжам патувањето во црна пластична кеса во последниот ред од седиштата, плашејќи ги луѓето кои одат во тоалет, напиша во објавата.

Меѓутоа, следела јасна акција на непознатите луѓе, како што тој опишува. Прво пилотите веднаш слетале на аеродромот во Омск, и покрај најавеното „минирање“.

-Медицинските лица и Итната помош не кажаа ниту една лага за дијабетисот, туку веднаш јасно кажаа: „ова е труење“ и ми дадоа доза антропин, пишува рускиот опозиционер.

Тој додава како пилотите и лекарите му дале дополнителни 15-20 часа живот.

-Се што следело било многу драматично и заслужува посебна приказна, но од неа ништо немаше да биде да не беа овие момци. Ви благодарам, добри непознати пријатели. Вие сте добри луѓе, напиша Навални.